Мистична филмска сценографија и уметничка инспирација: патување низ 7 атракции во западна Србија, што не треба да ги пропуштите
Како изгледа кога на едно место ќе се сретнат недопрена природа, врвна гастрономија направена од домашни производи, љубезни домаќини кои со нетрпение ве очекуваат и ќе ви раскажат приказна за крајот во кој живеат, сето тоа обвиено во мистика која инспирирала бројни уметници да создадат светски познати дела? Единствениот начин да дознаете е да се одлучите за одмор од градската врева и да тргнете кон границата на Србија и Босна и Херцеговина, на планините Златибор и Тара, покрај реката Дрина и во бескрајните зелени падини на Мокра Гора. За неколку дена ќе доживеете возбуда која се зголемува со секоја нова дестинација што ќе ја посетите! Па, затоа, ви претставуваме 7 атрактивни локации кои не смеете да ги пропуштите во овој предел на нашиот северен сосед.
Златибор
Автопатот „Милош Велики“ го крати патувањето од Белград до Златибор преку Чачак и Ужице на околу 3 часа возење. Така, сега можете до популарното планинско одморалиште да стигнете побрзо од било кога! До крајот на 19 век, областа околу Златибор, која денес е модерно населба и туристички центар на истоимената планина, била составена од пасишта и ливади каде жителите на околните села ги чувале своите стада. Првите хотели на Златибор биле изградени на почетокот на 20 век, а денес се градат модерни апартмански населби, спа центри и луксузни вили. Во населбата има основно училиште, градинка, храм, библиотека, културен центар со галерија и сала која служи како кино и театар, пошта, амбуланта, банки…
Покрај различните форми на сместување, Златибор е богат со тематски забавни паркови, кафе ресторани, а заедно со планината која е туристичкиот центар претставува една од најпосетените туристички дестинации во Србија. Можеби најпознатата атракција на Златибор е панорамската златна гондола, една од најдолгите во светот (9 километри), која го поврзува градот со врвот Торник. Возењето со гондолата е совршен начин за запознавање со специфичниот пејзаж на Златибор, бидејќи минува низ најубавите планински предели, како и над Рибничкото езеро – познато излетиште за домаќините и гостите. Седнете во гондолата, опуштете се и уживајте во глетките кои потсетуваат на сцени од американските филмови, додека коњите и кравите пасат на земјата, малите потоци и боровите по кои планината го добила своето име одекнуваат во далечината.
Пештерата Стопиќ
На нешто повеќе од половина час од Златибор се наоѓа природен феномен кој не смеете да го пропуштите! Со кратко спуштање од патот ќе стигнете до уреден влез во пештерата, која го добила своето име по блиското село Стопиќ. Се работи за еден од најдостапните спелеолошки локалитети во Србија, со отвор висок 18 метри, а широк меѓу 30 и 40 метри. За пештерата постојат многу локални легенди кои домаќините со задоволство ќе ви ги раскажат додека ве водат низ просторите со посебни природни карактеристики, од кои најпознати се големите када, која е најатрактивна кога се полни со вода која се прелива во посебен визуелен спектакл. Целата пештера е атрактивно осветлена, па прошетката низ неа е вистинско уживање. Топло облечете се, без разлика во кое време од годината доаѓате. Пештерата е од разгранет тип и се состои од пет спелеоморфолошки целини: Светла сала, Темна сала, Сала со када, Канал со када, кои се уредени за туристички обиколки, и Речен канал, кој сè уште не е отворен за јавност.
Етно селото Сирогојно
Посебно доживување е уште една блиска локација каде што ќе се запознаете со животот на жителите на Златибор од некое поодамнешно време. Имено, во селото Сирогојно се наоѓа единствениот српски музеј на отворено – наречен „Старо село“. На локација од 5 хектари биле пренесени стари брвнари од сите делови на Златибор, каде што се негуваат и зачувуваат за да сведочат за животот како што некогаш се живеел. Љубезните домаќини ќе ве водат низ музејот и ќе ви објаснат за намената на секоја дрвена куќичка, раскажувајќи ви истовремено за детали од животот на селаните кои до неодамна живееле во селски и семејни заедници – задруги, кои можеле да бројат до 50 членови. Музејот е поделен на два дела. Првиот е збир на куќи кои го задржале својот првичен изглед и намена и тие ја сочинуваат постојаната музејска поставка, формирана во две златиборски дворови. Втората група се куќи кои исто така го задржале својот првичен изглед, но им е променета намената – адаптирани се и прилагодени за туристички потреби. Има продавница за сувенири, кафеана, апартмани… Програмот на музејот вклучува и зачувување на старите занаети, па во текот на летото во три опремени работилници се организира обука за рибарски, ковачки и грнчарски вештини.
Националниот парк Тара
„Златиборе, прашај ја Тара, дали ја памети љубовта стара“. Така оди познатата песна, и навистина би било штета да не го посетите Националниот парк Тара, кој се наоѓа на планината Тара, сместена северозападно од Златибор. Нечепната природа, богатите шуми, широките ливади, длабоките клисури и кристално чистите реки, водопади… сето тоа се препознатливи карактеристики на оваа прекрасна планина. Тука е и спектакуларниот кањон на реката Дрина, како и неколку видиковци од кои најпознати се Бањска стена и Зеленика, кои нудат прекрасен поглед на кањонот и околината на планината. Во никој случај не пропуштајте да го видите најпознатиот амблем на градчето Бајина Башта – куќичката на карпата (позната и како куќичка на Дрина), која стана глобално препознатлива по нејзиното појавување во „National Geographic“. Се работи за дрвена куќичка на карпа во средината на речниот тек, која ја поставиле локални љубители на реката. Од првото поставување далечната 1968 година, ја користат многу генерации на момчиња и девојки, а вреди да се напомене дека неколку пати ја однела Дрина поради висок водостој, но локалното население секој пат поставувало нова, продолжувајќи ја така препознатливата и важна традиција на Тара и Бајина Башта. Ако ве интересира религиската и културната историја на Тара, дефинитивно посетете го средновековниот манастир Рача. За одмор покрај вода и добар помин тука е езерото Перуќац, кое се наоѓа 13 километри од Бајина Башта, а на кое има неколку ресторани и кафулиња.
Шарганска осмица
Близината на Тара и Мокра Гора овозможува за време на еден престој во тој дел на Србија да го збогатите вашето искуство со прекрасна возење со воз низ планините и долгите тунели, со поглед на долините во кои се сместени села, црквички и многу други тајни што ги кријат мистичните зелени ридови. Бидејќи пругата е направена така што изгледа како бројот 8, возот го носи името „Шарганска осмица“. За време на возењето ќе наидете на многу интересни изненадувања, како станицата „Луди камен“, на која можете да ја овековечите вашата врска со саканата личност, која можете да ја прекинете само со повторно доаѓање и возење со возот, како и станицата Јатара, на која никогаш не е продадена ниту една карта. Тука е и станицата изградена за снимање на филмот на Емир Кустурица „Живот е чудо“, во кој може да се види и популарниот воз. Порано, патниците од почетната станица Мокра Гора, до последната станица Шарган Витаси, ги превезувал легендарниот воз Ќиро. Претходно, оваа железница била главната артерија што го поврзувала внатрешноста со Јадранското Море, а нејзиниот дел денес е неизбежна атракција за сите посетители на западна Србија.
Дрвенград
Со филмот „Животот е чудо“ поврзана е уште една атрактивна дестинација во Мокра Гора, поточно на ридот Меќавник. Етно селото Дрвенград го изградил режисерот Емир Кустурица за снимањето на филмот, но по завршувањето на проектот одлучил да остане да живее таму и да го понуди на посетителите за користење и уживање. Во комплексот се влегува преку градска порта, а внатре ве чекаат 13 улици, 2 плоштади, кино, црква, пазар и сè друго што е потребно за пријатен престој на гостите. Улиците и плоштадите ги носат имињата на познати личности од светот на литературата, филмот и спортот, како Иво Андриќ, Федерико Фелини, Александар Тарковски, Марадона и Новак Ѓоковиќ – сите тие имаат големо влијание врз Кустурица. Додека шетате по улиците меѓу дрвените куќички, малку искачувајќи се, малку спуштајќи се, со поглед на бескрајните зелени планини со распрснати куќички и цркви и ќе имате чувство дека сте дел од филм за мирни и древни времиња. Посебна атракција е филмскиот фестивал „Кустендорф“ кој секоја година се одржува во Дрвенград во јануари, привлекувајќи многубројни гости од светот на филмската уметност. Фестивалот нема црвен тепих или други типични холивудски обележја, туку е фокусиран на запознавање, комуникација и пријатно дружење. Во Дрвенград, исто така, ќе имате можност да пробате домашна ракија и други домашни пијалаци и производи.
Езерото Увац
Едно од најпознатите езера во Србија се наоѓа на западниот дел од земјата. Езерото Увац, кое се нарекува и Сјеничко, поради близината на градот Сјеница, е вештачко езеро долго 27 километри, а пловидбата низ него е вистински спектакл за сите сетила. Езерото е создадено со изградба на најголемата земјена брана во Србија, висока 110 метри. Увац е првото во низата езера изградени на реката Увац за потребите на производството на електрична енергија. Водата од ова езеро истекува во Златарското езеро, второто во низата, а од Златарското истекува во последното, Радоинско езеро. Сите три езера се популарни излетнички дестинации, кои ги посетуваат многу туристи поради пловење со чамци, капење, риболов и прошетки. Пловејќи низ мирните меандри на езерото Увац, ќе видите бројни единки од кралот на небесните височини – белоглавиот орел, бидејќи околу езерото се наоѓа најголемата колонија на оваа птица на Балканот. Ако имате доволно кондиција, задолжително качете се или возете до некој од видиковците, како Молитва, од каде што ќе се восхитувате на фасцинантниот поглед на меандрите на езерото. Ако одлучите да пловите по езерото, задолжително посетете ја Ледената пештера, каде што температурата е секогаш 8 степени Целзиусови, а природата создала неверојатни формации кои секој ќе ги доживее на свој начин.
Со ова завршува нашето патување низ западна Србија. На следното патување сигурно ќе најдеме многу интересни места кои сега ги пропуштивме, што ќе биде најголемата мотивација за повторна посета на овој мистичен и моќен крај, во кој природата, уметноста и единствениот дух на гостопримливите домаќини доминираат!
Коментирај анонимно