Млада охриѓанка тврди дека нашла „спас“ во манастир: „Кога преспав во манастирот Острог чудотворно се излекував“
Секој на Балканот, па и пошироко има слушнато за манастирот Острог. Манастирите сами по себе носат мир и спокој при секоја посета, но овој манастир е познат по нешто повеќе. Секоја година над 100.000 верници и туристи го посетуваат манастирот за да ги „излекуваат“ своите маки и страдања.
Манастирот на Српската православна црква е сместен со речиси вертикална позадина, издигнат во големата карпа на Острошка Греда, во Црна Гора. Тој е посветен на Свети Василиј од Острог ( Свети Василије Острошки ), кој е погребан тука. Моштите на Свети Василиј од Острог лежат во Црквата на светиот крст.
Постојат многу сведоштва од луѓе кои тврдат дека престојувањето во манастирот им помогнало со лекување на болести и животни проблеми, таква била судбината и за 26-годишна девојка од Охрид, која се справувала со две болести и решила да побара помош од Бога, откако сонила чуден сон. Ова е нејзината приказна:
„Имам 26 години, две години бев болна од анемија и 23 години од ангина пекторис. Имав секојдневни „падавици”, дури трипати ме враќаа од мртви. Кога кренав раце од себе, сонив сон дека треба да отидам во манастирот Острог и да се напијам од лековитата вода.
За нецели две недели од тој ден на 20 октомври минатата година, отидов на Острог. Се случија неколку чудесни работи за кои мислев дека сонувам. Кога се искачував по скалите накај манастирот едвај издржував. Ми се чинеше дека ќе испуштам душа. Потоа дознав дека тоа му се случувало речиси секому кој имал мака. Се помолив и си реков во себеси: ‘Господи, дај ми сила да издржам, оти не можам повеќе.’
Пред мене имаше питач седнат на една од скалите, кој на сите кои поминуваа им бараше по едно евро. Престанав да се молам и кога поминав покрај него, дали тој, или некој глас, ми рече: ‘Ти можеш и без мене, сама да се искачиш до горе!’
Не му дадов пари, комплетно се загубив со мислите, ама како што се движев нагоре имав сè поголема и поголема тежина. Кога стигнавме на рамното седнав и го замолив мојот пријател да се врати и да му однесе пари. Тој се симна, а кога се врати назад го прашав дали го најде човекот? Пријателот рече да, сè е во ред, средено е. Мислам дека во моментот ја снема целата тежина. Како да сум носела голем терет на грбот, а сега сум го симнала.
Таа ноќ преспав во дворот на манастирот, пиев од лековитата вода, а кога се вратив од таму, па до ден – денешен, веќе немам никакви проблеми, ниту со здравјето, ниту со било што друго.“
Манастирите се свети места, многу луѓе ќе потврдат дека го нашле својот „спас“ за проблеми од различен вид, без разлика дали некој верува или не верува во ваквите работи, најважно е секој да си најде начин како да си помогне на себе.