Млади ентузијасти преку краткометражен филм покажаа што всушност не е во ред со оваа држава
Дали сме навистина свесни што се случува околу нас? И ако сме свесни што правиме во врска со тоа? Мора да признеме дека најголем дел од луѓето, особено младите креваат раце од обидите да преземат нешто и да направат промени за себе и општеството. Токму ова го објаснува и краткометражниот филм на млади и талентирани уметници од Куманово, кои сакаат да покажат до каде може да нѐ однесе игнорирањето на проблемите и празните муабети и секако што се случува со оние кои навистина ќе сфатат каква игра се игра.
Стефан Павличек, режисер на филмот,објаснува од каде идејата за филмот „Околу нас“: „Инспирација за ваков филм доаѓа од неодговорноста и незаинтересираноста на младите за проблемите и промените во општеството, односно опкружувањето во кое живеат. Во младите владее еден дух на одбивност према системот во кој живееат, бидејќи сметаат дека се отфрлени од општеството. Тие се чувствуваат како странци во својот дом. Идејата ни е преку овој филм да покажеме дека улогата која ја имаат младите во општеството е огромна и дека нивното мислење е најважно. Потребно е младите да веруваат во своите способности, да веруваат во своите идеи, да бидат сигурни во себе кога донесуваат одлуки, да се ценат самите себе и да сфатат дека немаат само права туку имаат и обврски. Пораката до младите е да учестуваат во промените, а не само да ги коментираат и да имаат мислење за нив, со тоа да го оправдаат своето постоење.“ Скоро секој ќе се пронајде себе или личност која ја познава во оваа видео од скоро 14 минути.
