„Мондалез“, гигантот што го произведува „Орео“ целосно се потпира на вештачка интелигенција: „Нашата продажба порасна, благодарение на новите вкусови што ги измисли ВИ“

„Монделез Интернационал“, гигантот за грицки што ги произведува „Орео“ и „Чипс Ахој“, користи вештачка интелигенција за создавање нови вкусни рецепти и нивно брзо лансирање на пазарот.

„Работиме поефикасно“, изјави Кевин Валенштајн, истражувач во развојот на бисквити, за „The Wall Street Journal“, опишувајќи ја футуристичката технологија која компанијата ја воведе уште во 2019 година.

 

 

 

Алатката за вештачка интелигенција на Монделез е развиена од софтверската консултантска фирма „Fourkind“, која подоцна беше купена од „Thoughtworks“. Наместо да користи генеративна вештачка интелигенција како ChatGPT, оваа алатка се потпира на машинско учење – гранка на вештачката интелигенција што овозможува системот да учи од податоци и да ги подобрува своите резултати преку идентификување на шеми и предвидувања.

Научниците за храна на Монделез ја програмираат алатката да создава рецепти со одредени карактеристики, како вкус, арома и изглед. Дополнително, алатката ги зема предвид и параметрите како трошоците за состојки, нивното влијание врз животната средина и нивниот нутриционистички профил.

Претходно, креирањето рецепти главно се базираше на обиди и грешки. Сега, секој рецепт сè уште се тестира од луѓе, но производите стигнуваат до пилот-тестирање или производство четири до пет пати побрзо.

„Целта е да стигнеме побрзо“, вели Валенштајн. „Потрошувачот сака производот да има одреден вкус, и ние не престануваме да го усовршуваме додека не го постигнеме тој вкус“.

 

 

Алатката е користена во создавање на 70 различни производи, вклучувајќи го и „Gluten Free Golden Oreo“. Покрај тоа, вештачката интелигенција помага во освежување на постоечките рецепти, кои периодично се оценуваат за можни измени, како премин на нов добавувач на состојки.

Иновацијата на Монделез им дава предност во однос на конкуренцијата. И покрај заситениот пазар и економските предизвици, продажбата пораснала за 5.4% во последниот квартал споредено со истиот период минатата година.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *