Морнарицата на САД поставила камери на делфини и открила многу „диви“ карактеристики на овие питоми цицачи (ВИДЕО)
Првите снимки направени од перспектива на делфини додека слободно ловат покрај брегот на Северна Америка, откриваат возбудливи детали од животот на овие паметни цицачи. Во научна студија објавена во 2022 година, морнарицата на САД поставила камери на делфини, обучени за идентификација на подводни мини и заштита на нуклеарниот арсенал на САД, а потоа им дозволила слободно да ловат во заливот Сан Диего.
Овие интелигентни морски цицачи покажале интересни ловечки способности, вклучувајќи и неочекувано ловење отровни морски змии, што ги изненадило истражувачите. Иако овие делфини не се диви, тие редовно ловат во отворено море како дополнување на нивната исхрана од замрзната риба. Снимките покажале дека при лов, делфините произведуваат постојано „кликање“ во интервали од 20 до 50 милисекунди. Кога се приближуваат кон пленот, интервалите се скратуваат до брз „пулс“, а потоа следува пискот кој продолжува сè до проголтување на пленот.
Со камера на нивните грбови, делфините уловиле повеќе од 200 риби. Некои риби, се обидувале да избегаат скокајќи од водата, но делфините успевале да го следат секое нивно движење, понекогаш дури и пливајќи со главата надолу за подобар преглед.
Камерите го снимиле и звукот на нивните срца кои забрзано работеле за време на интензивните активности, а покажано е дека наместо да го „удираат“ пленот, делфините користат моќни мускули за „вшмукување“, повлекувајќи го пленот внатре преку негативен притисок создаден со проширување на грлото и повлекување на јазикот.
Интересно е што снимките потврдиле дека делфините можат да консумираат и отровни жолтокореми морски змии. Еден делфин проголтал дури осум такви змии, без никакви знаци на болест потоа.
Главниот автор на студијата, Сем Риџвеј, кој почина на 86 години, остави богато наследство од истражувања, а неговиот иновативен пристап во соработката со делфините ќе продолжи да инспирира идни генерации научници.
Коментирај анонимно