Мотиката е мојот тренинг: Интервју со Бале Брзи, 71-годишниот дедо, кој го истрча скопскиот маратон со импресивно време
Благоја Ацковски, меѓу тркачите познат како Бaлe Брзи, на 71 година, го истрча Скопскиот маратон во 2024 година, со што стана најстариот учесник што успешно ја завршил трката оваа година. Овој подвиг е извонреден, особено бидејќи маратонската трка оваа година привлече рекорден број од 13.400 учесници од 55 земји. Тој го истрча маратонот за 3,44.08 и беше на 86-то место од 300 натпреварувачи, што значи дека е побрз од 70% од младите маратонци.
Неговиот талент бил препознаен уште во средно, но животот го однел по друг пат. После 40 години пауза, тој на 63 години се враќа пак на трчањето, а во 2017год. успева да истрча околу 100 маратони и стекнува легендарен статус на Балканот.
1. Покрај маратонот, каде се имате учествувано и што се имате освоено? Кое натпреварување или медал ви е најдраг и зошто?
Досега имам истрчано 10 градски маратони, од кои најдраг ми е првиот, 2018 година во Љубљана со време 3:38 и освоено 3то место во категорија 60+ години. Другите се Софија, Белград, Панчево, Плави круг на Ада Циганлија, Шри Чинмој во градскиот парк во Скопје, 4 Визер маратони во Скопје исто така и на 69,5 години на Републичкото првенство на Македонија на кеј направив рекорд 3:37.
Полумаратони имам трчано како овде, така и низ цела бивша Југославија над 100тина ги има. Секој тренинг ми е полумаратон, зашто тренирам еднаш до двапати неделно по 20км или 30км. Рекорд ми е 1:35 на 66 години во Крагуевац.
Имам 50тина трки на 5км и на 10км. На 5км рекорд ми е 2130, а на 10км 45мин.
Имам повеќе од 20 планински трки од 20км до 66км. Водно-Матка 40км со 2900м висинска разлика ја имам истрчано за 7 часа, а истата трка 42км ја имам истрчано за 7ч 9мин. Крали Марко, Момата и Козјак во Прилеп, Струмина во Штип, Чупино во Виница 30км и 60км, Осогово, Бељаница во Србија и др. Редовен учесник сум и на „Прв до врв“ со рекорд 47:47. Иначе сум и планинар, шетам во планини. Големо задовоство е да гледаш во врвови, карпи, водопади, се бањаш на 2200м во езера. Природата е убава секаде, треба да се искористи, зашто животот тече брзо.
Повеќе од 40 пехари имам освоено и некои ги имам подарено на мои драги луѓе.
2. Разбравме дека вашиот талент бил препознаен уште во средно училиште, но потоа правите пауза од 40 години. Што ве мотивираше да се вратите на трчањето по 40 години?
Во Сарај и Хиподром бев втор на гимназијадите 1970/71, кога тренирав по една година во АК Вардар и АК Работнички. Потоа животот ме однесе во друга насока. Но во 2017 година кога станав пензионер, ослободен од обврски почнав да трчам по кеј и на Водно. Јас не можам да седам и лежам по цел ден, мора да се движам. Работам и на нива, а имам и овоштарник.
3. Како реагираше вашето семејство на вашата одлука повторно да трчате на 60 години?
Имам време да стасам секаде и да сработам се. Затоа и ме викаат Брзи. Не може никој да ми замери за 2 до 3 часа максимум во денот ако ги трошам на трчање, еднаш или двапати неделно.
4. Што јадете, кое е вашето омилено јадење и како успевате да одржувате толкава фитнес енергија на 71 година?
Како прво треба да си духовно силен. Кога сум слободен, одам во црква на литургија. Позитивен сум за себе и околината. Негативности избегнувам најмногу што можам. Од продавница купувам полуцрн леб, макарони, јуфки, кисело млеко. Сам правам мармалади, слатка и компоти. За доручек и вечера имам мармалад, мед, ајвар, кисело млеко. За ручек често правам чорби и салата. Месо ретко јадам.
Мислата е најважна за здравјето. Материјално е доволно колку што имаш, да не забегуваш.
5. Дали е точно дека една чашка ракија на ден е добра за здравјето? Кој е вашиот став за алкохолот?
Мене 200мл вино или пиво и една голтка ракија на ден ми се доволни. Ракија сам правам, но до една чашка на ден е корисно и доволно за секого. Се што е претерано не е добро.
6. Дали некогаш сте пушеле цигари, дали верувате дека може да го попречат спортскиот успех?
Да ви кажам право, со пушачи си немам муабет. Ни одам на гости, ни да ми дојдат кај мене, па кој сака нека биде. Јасно е дека никогаш не сум пушел, и спортисти не треба ни да помислуваат на пушење. Со запушени бели дробови не се добива сила.
7. Како изгледа вашиот типичен ден кога не сте на трка? Колку време посветувате на тренинг и на одмор?
Имам двор од 1000 квадрати во кој секогаш има секаква работа. Имам неколку ниви, си работам со мотика, со коса си косам. Секогаш имам занимација и одмарам по малку. Тренинг ми е од дома до кеј 1700м, а потоа зависи како ќе ми каже Господ.
8. Што мислите за фитнес трендовите? Секој месец патики за трчање од 200 евра, шејкови, специјална опрема, лични тренери, членства во клубови итн.
Ние на село имаме мотики, пили, секири, коси, лопати и тоа ни е фитнес. За граѓаните е друго. Вежбање во клубови, дигање тегови итн. Најскапи патики што сум ги купил ми се 3500ден. Не мора да е нешто скапо за да ти врши работа. Мислам дека е чалам да се даваат 200 до 300 евра за патики. Важен е моторот и духот што го врти одошто патиките. Абебе Бикила истрча маратон и победи бос.
Освен електролити не користам ништо друго. Пред трка едно чоколадо или 100г суво грозје е доволно.
Тренер немам, самото тело ми кажува што и како да правам. Добро е да си член на некој клуб, заради одредени бенефиции за трки. Трките станаа прескапи. Некој те кани да трчаш и ти да му ги плаќаш трошоците. Јас две години по ред правам трка на 28 Мај. Луѓето платија по 100ден и добија медаља, пиво, вино, сокови, вода, баклава, ораси, лешници и др. Јас ги канам и јас сносам трошоци. Има награди до 7мо место, а има и лотарија со многу награди од мое домашно производство мармалади, ракија, ораси, лешници. Во 2025 година пак ќе организирам трка од мост Близнак до Холидеј Ин и назад, вкупно 7км. Учество ќе биде 200ден, а ќе објавам детали благовремено на Фејсбук.
9. За крај, која е најдобра вораст за да се почне со трчање и што е потребно да поседува личноста за да успее?
Секој има некој вроден талент за било што. Мора да се вложи труд и енергија. Никогаш не е доцна за да почнеш рекреативно да се бавиш со трчање. Поради мене гледам дека повеќе старци почнале да трчаат на кеј, па и да доаѓаат на трки. На последниов маратон убава поддршка ми беше кога едно дете од 4-5 години во Аеродром ѝ рече на мајка си „Види мамо овој дедо а трча!“ Јас не само што трчам туку и 70% од помладите ги победувам. Други ми викаат татко ми едвај оди, а ти помлад 30-40 години од нас, нѐ победуваш. Најважно е да имаш мерак за нешто да работиш. Мое мото е спортот подмладува и дава здравје.
Коментирај анонимно