Може ли Големиот зелен ѕид да го запре ширењето на пустината?
Напорите за изградба на Големиот Зелен ѕид на Африка, огромна линија на одбрана против ширењето на пустината, конечно добија голем поттик по долгогодишна борба со недоволно финансирање.
Иницијативата, поддржана од 11 земји на јужниот раб на Сахара, беше покрената во 2005 година, но од самиот почеток имаше проблеми со приливот на пари.
Сепак, 2021 година може да биде година на промени.
Донаторите ветија 19 милијарди долари за огромната програма за пошумување претходно оваа година, а на крајот од неа, американскиот милијардер Џеф Безос рече дека неговата фондација ќе додаде уште една милијарда.
Што е Големиот зелен ѕид?
Идејата е да се засадат дрвца во коридор долг 8000 километри и широк 15 километри кој би го опфаќал јужниот раб на Сахара.
Иницијативата беше прифатена од владите на Буркина Фасо, Чад, Џибути, Еритреја, Етиопија, Мали, Мавританија, Нигер, Нигерија, Сенегал и Судан.
Проектот е координиран од Пан-африканската агенција за Големиот ѕид.
Кога ќе биде завршен, ќе биде најголемата жива градба на планетата.
Која е неговата цел?
Големиот зелен ѕид е основна африканска програма за борба против климатските промени и опустинувањето. Исто така, треба да помогне да се намалат проблемите со сиромаштијата и недостигот на храна низ Северна Африка, Сахел и Африканскиот рог.
Овој регион, еден од најсиромашните во светот, е исто така еден од оние каде што температурите се зголемуваат најбрзо поради климатските промени.
Ѕидот треба да оживее 100 милиони хектари пусто земјиште до 2030 година. Ова исто така ќе спречи емисија на 250 милиони тони јаглерод и ќе создаде 10 милиони „зелени“ работни места.
„Тоа не е само завеса од дрвја“, вели сенегалскиот геолог Абдулаје Диа, извршен секретар на агенцијата.
Каква е состојбата денес?
Од 2005 година, Зелениот ѕид обнови 4,6 милиони хектари земја во 11 земји, рече Диа.
Но, напредокот е бавен поради премалите пари. Минатата година ОН го нарекоа финансирањето на ѕидот „недоволно, неизвесно, непредвидливо“.
Во јануари оваа година, Ѕидот доби голема финансиска инјекција бидејќи донаторите на самитот One Planet во Париз ветија 19 милијарди долари за програмата.
Еден од најбогатите луѓе во светот, Џеф Безос, кој го нарече ѕидот од дрвјата „извонредна иновација“ што треба да се забрза, исто така има намера да се вклучи.
„Проектот беше критикуван како бескрајна сага, но сега стана реалност“, задоволно изјави Диа.