Мрачната и изопачена историја на „мукбанг“ инфлуенсерите – смртни случаи и контроверзии
„Мукбанг“ започна како едноставен и невин интернет тренд, создаден за да им прави друштво на осамените луѓе додека јадат. Првите што почнаа да стримаат и да комуницираат со фановите додека консумираат огромни количини храна беа јужнокорејските интернет корисници во 2000-тите.
Оваа необична практика стана популарна на Запад во 2015 година, а својот врв го достигна за време на пандемијата на Ковид-19, кога многумина беа затворени дома. Но, и покрај невиноста на своите почетоци, „мукбанг“ инфлуенсерите почнаа да преземаат сè поекстремни предизвици за да привлечат повеќе публика.

Со текот на времето, некои стигнаа до крајности, одржувајќи 10-часовни маратонски оброци за да ги тестираат своите граници. Тројца инфлуенсери дури го загубија животот во обид да ги забавуваат фановите.
Минатата година, кинеската Јутјуберка Пан Сјаотинг го пренесуваше во живо својот последен оброк, обидувајќи се да изеде повеќе од 10 килограми храна. Таа почина на 24 години, а како причина за смртта беше наведено прејадување. Нејзината телесна тежина била 300 килограми.


Само еден месец пред нејзината смрт, почина и салвадорскиот Јутјубер и „мукбангер“ Едгар Ландаверде, познат како Callejas 503. Фановите шпекулираа дека причината за неговата смрт била поврзана со неговата дебелина.
Филипинскиот креатор на содржини Маној Апатан доживеа фатален срцев удар ден по снимањето на еден од своите мукбанг видеа. Случајот предизвика толку голем шок што Филипините дури размислуваа да го забранат „мукбангот“.
Во меѓувреме, една од најпознатите „мукбангери“ во светот, Јапонката Јука Киношита, на 1 февруари ненадејно објави пред своите 5,24 милиони следбеници на Јутјуб дека се повлекува. „Сè потешко ми е да продолжам како натпреварувачки јадач“, изјави таа.

Можеби тоа беше животоспасувачка одлука. Јужнокорејската „мукбангерка“ Haetnim the Short Mouth минатата година се здоби со сериозна повреда на грлото за време на снимање. „Преготвив крцкава свинска плешка за да биде екстра крцкава, што беше грешка. Го изгубив гласот, голтањето ми стана болно, се чувствував како да имам грип и завршив во болница“, раскажа таа.
Популарноста на мукбангот исто така опаѓа, според податоците од Google Trends. Овој тип содржина го достигна својот врв во 2020 година, но оттогаш неговата гледаност постојано се намалува.

Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!

Коментирај анонимно