Мрачната страна на Македонија: Кои се најсвирепите убиства низ историјата?

За жал убиствата не се нешто невообичаено не само на овие простори, туку и во светот. Но, за разлика од другите поголеми држави Македонија може да наброи помал број на свирепи убиства кои ја шокираа јавноста. Од јавни престрелки, потери со автомобили и љубовни триаголници, ќе помислите дека се работи за некој криминалистички трилер, но сепак не, ова е дел од мрачното минато на Македонија, кое никој не би сакал да го види повторно.

Хоророт од Бутел

Страшната приказна се случила на 1 јули 2017 година. Нешто после пладне 84-годишниот П.Т. од Скопје го земал пиштол „Берета“ кал.7,65 мм, кој го поседувал со дозвола и пукал во својата 78-годишна сопруга, нанесувајќи ѝ прострелна рана во пределот на грлото, потоа пукал и во главата на својата 58-годишна ќерка, за на крај да пука и во Т.С, неговиот 32-годишен внук. На крајот П.Т си го одземал и својот живот пукајќи си во главата.

Крвав љубовен триаголник

Нешто пред Нова година во 2012 се случи крвав љубовен триаголник кој ретко кој може да го заборави. Кирил Ристески од Скопје ги застрелал своите две девојки Марта Перин и Виолета Талевска, а потоа си го одземал и сопствениот живот.

Тогаш во медиумите било објавено: „Дваесет и седумгодишната Марта му била поранешна девојка на Кирил, а нејзиното безживотно тело било пронајдено во гепекот на неговиот автомобил. Полицијата сè уште ги нема сите детали од ова злосторство, но претпоставува дека љубовниот триаголник бил причина за двојното убиство и самоубиство што се случи во скопската населба Кисела Вода. Пред да ја застрела Марта, Кирил ја уби својата свршеница, дваесет и седумгодишната Виолета Талевска. Тој ја застрелал во глава, а убиството го извршил пред очите на својата осумдесет и четиригодишна баба, која случајот го пријавила во полиција“.

Ги убил, а потоа преминал преку нив со автомобил

Ѓорги Топаловски од Скопје, имал расправија со Андреј Филип – Џиџи (35) и триесетгодишниот Новица Благоевиќ – Моско од Скопје, во близина на Зоолошката градина. Топаловски на 22 ноември 2007 година, ги убил двајцата скопјани бидејќи подолго време им должел 10.000 евра кои му ги дале под лихва и тие се сомневале дека Ѓорѓи ќе се обиде да избега од државата. Откако ги усмртил со куршуми очевидци изјавиле дека мртвите тела ги прегазил со возилото „Цитроен Ц4“, со кое потоа избегал.

40 убоди со нож

Во 1993 година 21-годишниот Миле Хаџиски ја уби Мери Јошевска на најсвиреп можен начин. Расправијата се случила на 18 јуни 1993 година во станот на Мери, ситуацијата ескалирала откако Миле почнал да ја дави и да ја удира со пепелник. Потоа со кујнски нож почнал да ја боде во пределот на главата и стомакот. Тој ѝ нанел дури 40 убодни рани. Бил осуден на казна затвор од 20 години.

Убиствата во „Линка“

На 4 април 2005 година во локалот „Линка“ во Куманово триесет и шестгодишниот Горан Георгиевски – Мујо, еден од командантите на единицата „Лавови“ и дваесет и шестгодишниот Ненад Вељковски – Чавка биле убиени, а со прострелни рани се здобиле Роберт Иванов (34) и сопружниците Драган Илиќ (34) и Марина Илиќ (33). Тоа го направил сопственикот на локалот Горан Стојановски, кој имал нерасчистени сметки со истите. Исто така откако излегол од затвор во 2011 година, Горан бил убиен.

„Гангстерска“ пресметка на плоштадот во Скопје

Вечерта на 29 март 2004 година Ромео Живиќ и Љуљзим го чекале Јане Павловски во локалот „Блу кафе“ кај плоштадот Пела. Кога сакале да си заминат кон Куманово, се појавил Јане-Тица со двајца пријатели. Јане и Љуљзим се тргнале настрана за да се договорат, но меѓу нив избила расправија, во која Ромео се замешал. Биле испукани дваесетина куршуми во престрелката која траела околу 2 минути. Ромео и Јане, двајцата тешко ранети, биле префрлени во Градската болница, каде што кумановецот им подлегнал на повредите.

Убиства кај Смилковци

Ова е едно од убиствата кое сѐ уште е во очите на јавноста. На 12 април 2012, е извршено убиство на петмина лица со огнено оружје кај езерото во атарот на селото Смилковци, близу Скопје. Убиените се четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и Борче Стевковски, 45 години, од селото Црешево. Убиствата се случиле меѓу 19:30 и 22:30 часот кога биле најдени телата на убиените.

Обдукцијата врз убиените покажало дека во нив е пукано од три типа огнено оружје, зашто се најдени чаури од три различни типа муниција, што сугерира дека има повеќе од еден извршител на чинот.

Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.