Премини на МотикаX

Мудри мисли од „Пиринскиот цар“, роден на денешен ден пред 149 години

Пиринскиот цар, Сандан-паша и Старикот, македонски национален херој, војвода и водач на Македонската револуционерна организација, ова е краткиот опис за Јане Сандански, човекот кој што направи многу за нашата татковина. Роден е во селото Влахи, Пиринска Македонија на 18 мај 1872, Сандански имал бурно детство.

Во април 1901 година, за првпат, со осумчлена чета, Сандански агитирал во името на Организацијата. Истата година, тој и Христо Чернопеев во околината на Разлог решиле да го грабнат д-р Хаус, протестантски мисионер од Солун. Меѓутоа, д-р Хаус го одложил патувањето, па затоа се решиле да ја киднапираат протестантската мисионерка Мис Стон, која се наоѓала во Банско. Целата акција се усложнила и траела шест месеци. На 31 јануари 1902 година бил платен откупот, а на 23 февруари грабнатите биле ослободени од Андон Ќосето во селото Градошорци.

Сандански бил убиен на 22 април 1915 година кај месноста Блатата на патот од Рилскиот манастир за Неврокоп. Бил нападнат од 7-8 души кои биле вооружени со пушки. На околу 200 м источно од Роженскиот манастир е црквата Св Свети Кирил и Методиј, изградена во 1914 година од страна на Јане Сандански. Таму се наоѓа и неговиот гроб.

На надгробната мермерна плоча се читаат неговите зборови: „Да живееш, значи да се бориш, робот за слобода, а слободниот за совршенство”. Еве неколку негови зборови кои треба долго да се паметат.

„Вие (врховистите) ја сакате слободата на Македонија и Одринско како етапа на идните Ваши завојувања и анексии, додека кај нас слободата е легната во основата како цел. Ете каде лежи големата разлика меѓу нас – Внатрешните и Вас – Врховистите”!

„Да, Македонија не треба да бара помош надвор од себе, туку во самата себе. Нејзината слобода не ќе биде подарок, туку крвав откуп, платен со илјадници жртви, какви што ние дадовме и продолжуваме да даваме”.

„Mакедонскиот народ е самостоен народ кој има право на самостоен живот” и затоа “Tреба да се борат за издвојување на својата слобода без да се надеваат на туѓа помош, зошто оние кои ќе дојдат да ги ослободат, всушност ќе дојдат да не заробат.” – Јане Сандански, Рилски конгрес, 1905

„Не бугарска Македонија сакаме ние, туку Македонија на Македонците, Македонија ослободена од тиранијата.” – Писмо до Грците, жители на Мелник, 1904 година.

„Јас не очекувам брзо ослободување на Македонија. Тоа може дури и да не дојде додека сум жив, но јас сакам да го зачувам народот и да го организирам и ако тоа стане, тој сам ќе си ја извојува својата слобода”.

„Ние не ја мразиме Бугарија и нејзиниот народ, туку се спротивставуваме на нејзината политика, која е спротивна на нашите идеали и интереси”.

„Да пиеме за слободна и автономна Македонија за која се бореа и дадоа скапи жртви сојузените балкански народи” – на банкетот во Солун, по повлекувањето на Турците 1912 година.

„А најмногу од се друго се плашиме од тоа нашите „мили пријатели” Бугарите, Србите и Грците, да не дојдат да не „ослободуваат”, зошто тие, всушност, ќе дојдат да не поробат.“