Најмалата библиотека во светот „Ал-Би“ во село Бабино полека исчезнува во заборав
Понекогаш не знаеме да ги цениме ретките работи кои ги имаме и се промовираат сосема погрешни вредности. Ретко кој од поновите генерации е информиран за македонската библиотека во која ги има најретките наслови во државата, па и во околината.
Во демирхисарското село Бабино, на 9км од Демир Хисар и на 2км лево од магистралниот пат Сапотница- Демир Хисар се наоѓа можеби најмалата библиотека во светот, „Ал-Би“.
Во библиотеката првите книги биле донесени во далечната 1882 година и тоа од Багдад, Техеран, Дамаск, Истанбул, Анкара, а се печатени на персиски, старотурски и арапски јазик. Сопственик на библиотеката е Стево Степаноски и за почетоците на оваа културно наследство е задолжен неговиот прадедо, Јован.
Библиотеката е резултат на тривековна колекционерска работа и најстарата книга е Арапски речник од 1307 година.
Други познати книги се: една од најстарите копии на Куранот, Псалтекина литургија од Св. Јован Златоуст, прво издание на Деветтата симфонија на Бетовен, Музички речник на Карл Јунек, Македонија, Швајцарија на Балканот од Ванчо Михајлов, фотографии од Првата светска војна, зелениот пасош на познатиот македонски патеписец Љубе Цветановски, првото издание на Волшебното самарче како и 350 речници.
Во „Ал-Би“ е изложен првиот број од Македонскиот правопис, примерок од првото издание на македонскиот Буквар, првото издание на весникот Нова Македонија, како и ракописи и документи за НОВ и Илинденското востание, печатени во 1946 година.
Вкупно во библиотеката има над 20.000 наслови и брои 3.000 читатели од кои голем број видни академици, а има и членови од странство. Она што е интересно е што членството е бесплатно, но и секој член добива пасош за членство во татковината на книгата.
Библиотеката функционира како и сите други освен што во зимскиот период е затворена и работи на повик. Исто така најретките изданија можат да се прочитаат само директно во библиотеката. Селото Бабино според пописот во 2002 година има 34 жители, но според денешните тврдења има само 2 постојани житела.
Фото: Jon Brown