На денешен ден е роден Ченто, човекот кој најголемата казна ја доби од татковината за која се бореше
Методија Андонов – Ченто е роден на 17 август 1902 година во Прилеп во близина на денешниот фудбалски стадион како прво здраво дете по неколкуте починати деца на неговите родители Андон и Захарија. Уште од најрана возраст, работел по прилепските тутунски и афионски полиња, завршил средно трговско училиште во Прилеп и во 1926 година отвора бакалско-угостителски дуќан и си обезбедува пристојна егзистенција.
Интересен факт за него е дека добил 20 дена затвор затоа што живеел во вонбрачна заедница со тогаш невенчаната сопруга Василка Спирова Поп-Атанасова.
Ченто ја прифатил и ја бранел македонската национална кауза уште од раната младост, и залагајќи се за поголема слобода на Македонците и отворање на училишта на македонски јазик. Тој неколку пати бил затваран од страна на окупаторите поради неговите цели и идеали, но ништо не било страшно како самиот крај.
На слободната територија во Дебрца, Охридско, Ченто преминува во октомври 1943 година. Именуван е за член на Главниот штаб, а по основањето на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ станува негов претседател.
По враќањето на делегацијата од Вис, се привршуваат подготовките околу АСНОМ и на 2 август се одржува Првото заседание. На него Ченто е избран за претседател на Президиумот на АСНОМ на ова највисоко државно тело на Демократска Федерална Македонија (подоцна НР Македонија). Ченто се именува и како прв Претседател на Македонија.
За време на извршување на својата функција, Методија Андонов – Ченто бил многу почитуван и сакан од народот и се залагал власта целосно да биде народна и народот да може слободно и преку истата врата преку која влегуваат службениците, да влегува во институциите.
Судир со власта
Ченто се противи 15-от македонски корпус да оди на Сремскиот фронт, се залага за обединување и поголема самостојност на Македонија, се противи на враќање на имотот на избеганите српски колонисти и се залага за поголема финансиска независност и залагање за сопствен буџет на Македонија и на останатите југословенски републики. Комунистите пополека му ја одземаат реалната власт и поради несогласувањето со мерките што ги преземаат комунистите, Ченто на 14 март 1946 година поднесува оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.
Затоа што сакал Македонија да биде држава на Македонците и да „цвета“ под нивно раководство се верува дека Ченто сакал да избега и со големите сили даго организира ова. Сепак бил предаден и обвинет за шпиунажа.
На 8 август против него е покренат обвинителен акт, а на 19 ноември е изведен пред суд во состав: Панта Марина (претседател) и Лазар Мојсов и Коле Чашуле, членови. Судењето трае доста кратко и по два дена, на 21 ноември, Ченто е осуден на 11 години затвор. Затворен е во скопскиот затвор „Идризово“ каде во најтешки услови бил во „специјалната ќелија“ и бил чуван од посебна стража и му биле дозволувани триесет минутни прошетки на одредено место во затворот и еднаш неделно биле дозволувани посети на членовите на неговото семејство. Додека бил во затвор, властите често му нуделе да признае и потпише дека згрешил и се покајува, по што животот ќе му бил наполно обезбеден.
Последниот удар
Пуштен е условно на 4 септември 1955 година, по одлежани 9 години и 4 месеци затвор. Сепак затворскиот живот остава траги врз неговото здравје. Бара од Тито да му дадат пасош за да отиде да се лечи во Швајцарија, но бил одбиен. Осамен и во тешки болки и маки, Ченто на 24 јули 1957 умира од рак на желудникот, во својот дом во Прилеп. И по излегувањето од затворот не се откажал од идеите на самостојна и обединета Македонија.
Долги години по смртта, Методија Андонов – Ченто бил табу тема и ретко бил спомнуван во историските книги и учебници, а и јавните разговори поврзани со него биле строго забранети. Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија Андонов – Ченто, е обновен судскиот процес против него и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укина пресудата од 1946 година. На 22 октомври 2010 година, претседателот на Република Македонија Ѓорѓи Иванов постхумно го одликувал Ченто со „Орден на Република Македонија” орден кој го имаат само поранешните претседатели на Македонија и три реномирани македонски институции.