На денешен ден македонскиот народ се збогува со омилениот чорбаџија

Пред 18 години на овој ден Македонија го загуби царот на Народните приказни, легендарниот Ѓорѓи Колозов.

Колозов беше еден од доајените на македонската глума, кој заедно со својата сопруга Шенка Колозова создадоа и оставија безвременски ремек дела со кои растеа многу генерации- македонски народни приказни.

Ѓорѓи Колозов е роден на 26 февруари 1948 во Богданци, а почина на 13 октомври 2003 на 55-годишна возраст. Тој е еден од најпознатите глумци во Македонија, најзапаметен е по неговите извонредни толкувања на ликови од народно творештво како цар, кадија, чорбаџија, селанец, па дури и како Господ.

Дипломирал на Академијата за драмска уметност (денес Факултет за драмски уметности), на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 1973 година, а потоа работел во Македонскиот народен театар.

Неговата популарност несомнено беше резултат на неговото долгогодишно искуство и мошне популарната македонска ТВ-серија „Македонски народни приказни“ засновани на збирка на голем број македонски народни приказни собрани од собирачите на народни умотворби како Марко Цепенков, Кузман Шапкарев и други.

Овие кратки ТВ епизоди беа снимени од страна на ТВ Скопје, подоцна од МТВ во перидот од раните 80-ти, па сè до 2003 година. Досега се снимени околу 300 епизоди, не вклучувајќи ги новите епизоди кои почнаа да се снимаат во 2009 година.

Овие приказни имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, лингвистиката, националната историја и за правото и моралот на Македонците.