На денешен ден пред 119 години се роди човекот кој сите нѐ запозна со Итар Пејо

Итар Пејо е шегаџијата од Мариово кој смее многу генерации на стари и млади. Тој секогаш ги претставува обесправените и е на страна на народот, токму затоа и ние од Мотика преку него ги искажуваме „маките“ и шегите кои не секогаш можат да бидат пренесени лично.

Нема дете кое не слушнало за Итар Пејо, а ова е благодарение на еден човек. Стале Попов роден на 25 мај 1902 година во малото село Мелница, Мариово. Овој човек немал лесно детство, неговата мајка починала кога бил млад и тој уште од мали нозе морал да работи и да помага. Сепак Попов се трудел и не сакал да остане цел живот да се занимава со земјоделие. Тој завршил и Теолошки факултет во Белград, но никогаш не се запопил.

Како писател се оформил непосредно по Втората светска војна. Вистинска литературна афирмација доживеал со својот прв роман „Крпен живот“ (1953), а децата, па и возрасните најмногу го паметат по расказите за „Итар Пејо“. Книгата била задолжителна лектира за учениците од второ одделение според наставниот план на основните училишта во Македонија и така дел од детството на секој од нас. По неуспешното лечење во Интерното одделение на Градската болница во Скопје (октомври 1964) и во Нишка Бања (јануари 1965) починал во Скопје на 10 март 1965 година.

Во негова чест прочитајте 3 раскази за нашиот омилен Итар Пејо, а и погледнете си некои од „мудрите цитати“ на
Пејо од Мотика.

Итар Пејо му вади заб на селанецот

Еден од Пејовите селани го заболел заб. Кај ќе оди да го вади ако не кај Пеја. Отишол и го праша:

— Знаеш ли, Пејо, да вадиш заб?

— Знам како да не знам, — одговори Пејо.

— Од тоа полесно што има? Само ти седни на столчево и биди мирен, — и му го подаде смрековото столче со три нозе на кое беше провртена на средината дупка да си ги закачуваат жените вртешките кога вијат основа или јаток.

Седна селанецот, а Пејо се засука да работи. Наостри еден кол и го заколка во земјата пред селанецот. Потоа осука еден дебел конец и го врза едниот крај за колот, а другиот за забот од селанецот. Се заврте зад него и си зеде една игла бабушка та полекаполека го боцна од дупката од столот, а забот остана на конецот.

Фаќајќи се селанецот за боцнатото место почна да вика:

— Тиии! Колкав корен имал овој заб, дури долу ме заболе, — и си отиде задоволен од Пејовиот мајсторлак, уверен дека коренот од забот бил долг дури до дебелото месо и дека болките од иглата се болки од извадениот заб.

Итар Пејо со туѓи чизми на оро

На еден Велигден Пејо немал чевли за на оро, та позајмил едни чизми од соседот – чорбаџија , дошол на сретсело и се фатил на танец.

Се разиграл Пејо, се раскршил на сретселото, камења корне со чизмите.

Го видел чорбаџијата со чизмите и му се сторило дека ќе ги искине Пејо со играњето, па му рекол:

– Mope, Пејо, полека, ми ги искина чизмите, што ќе обујам јас утре!

Слушнал Пејо, ама слушнале и сите на орото дека Пејо игра со туѓи чизми.

Се навредил Пејо и веднаш ги собул и му ги фрлил чизмите на чорбаџијата.

Тоа го гледал друг чорбаџија, го повикал Пеја настрана и му шепнал да отиде кај него дома и да и рече на жена му да му ги даде неговите чизми.

Отишол Пејо кај чорбаџијата и за миг се вратил и пак го повел танецот.

Кога поминал пред овој чорбаџија, тој уште посилно од првиот почнал да вика:

– Рипај, Пејо, нарипај се, искини ги, стопанка им, јас не ги жалам, ми дал господ, нови ќе си купам.

Кога Пејо го слушнал овега, веднаш застанал, ги собул и овие чизми и му ги фрлил и на овој чорбаџија како првиот, велејќи му:

– На ти ги, чорбаџи, твоите чизми, јас ќе си играм со моите – и го повел танецот бос.

Итар Пејо и владиката

Како сите владици, така и битолскиот ја посетуваше својата „паства” барем еднаш годишно, та еден ден тргна и по Мариово. Патот го одведе и во Пејовото село Градешница.

Селаните го пречекаа, како што се пречекува владика: со зелници, со мазници, со кокошки, со јајца итн., и му се испоплакаа од разни зулумџии, та дојде редот да му се поплачат и од Пеја.

– Каде не газат агите и беговите, дедо владика -рече коџобашијата – па и од овој нашиов Пеја дерман немаат селаните.

Често ги напаѓа, ги кара, та дури и ги пцуе.

Ни е стемнето понекогаш пред очите, та ни иде да се селиме од селото.

My расправи за разни Пејови кавги и пцости, и во името на селаните го помоли владиката да му го бара чарето на Пеја, ако не сака сите да го напуштат селото.

Владиката. како владика, ја сфати сериозно работата, ги смири селаните и му нареди на протуѓерот да му го викне Итар Пејо.

Овој му кажа на Пеја дека селаните се жалат на него и дека ќе треба да се поправи. да не ги навредува, да не ги кара и пцуе.

– Така си е, дедо владика – одговори Пејо.

-Ама послушај ме и мене што ќе речам, па после пресуди.

И почна да си ги брани своите постапки:

– Ако молчи човек кога моите селани тресат глупости, го прават будала.

Ако почне да им се смее, што си заслужуваат, го прават улав.

А еден умен човек не може да дозволи будалите да го прават од нив побудала и да го газат како што сакаат тие, та ќе гледа некако да се одбрани.

И мравката, што е мравка ако ја нагазиш, ќе се заврти да те укаса: а не пак јас жив човек!

Морам со нешто да се бранам, па најпосле дури и со пцости.

А дека тие го заслужуваат, ќе се увериш и сам ако сакаш.

Кога го ислушал владиката Пеја, му рече:

– Добро, Пејо. Ги слушнав тужбите од селаните, те слушнав и тебе, но јас би рекол да се откажеш ти од тој твој табиет и да не се караш со нив.

– He може, дедо владика, не може!

Треба да сум глув или спеп,па да не ги слушам и да не ги гледам нивните глупости, та да не им давам по капата.

Нека излезе некој од моите селани и нека докаже пред тебе дали сум го навредил без причина?

Тогаш, еве, овде е тенко – и покажа на својот дебел врат – земи го ножот, заколи ме на сретсело.

Владиката поразмисли малку па му рече:

– Слушај, Пејо. Бидејќи сите селани викаат на тебе, а за да се смири селово, ќе дојдеш ти со мене. a јас ќе се погрижам да те одучам од таа мана.

Пејо се согласи и тргна со владиката по другите мариовски села.

Уште на крајот на Пејовото село владиката му даде едно бело камче на Пеја и му рече:

– Кога ќе се налутиш нешто и гледаш дека не ќе можеш да се воздржиш, клај го камчево в уста и држи го под јазик дури да ти помине лутината.

Пејо го послуша владиката и го кладе камчето во устата уште тука, та цело време не проговори ни збор.

На враќање патот го наведе владиката пак преку Пејовото село и Пејо излезе до крај село да го испрати и да се прости со него.

Токму на излегување од селото, од последната куќа истрча едно девојче пред владиката и почна да го моли:

– Дедо дуовниче, дедо попе – мислејќи дека владиката е некој калуѓер или поп.

– Мајка ми многу те моли да почекаш малку.

Запрета една погача во огнот и ете бргу ќе биде готова, ќе ти ја донесе да ти се најде за патем.

– Тоа го рече девојчето и си отрча дома.

Владиката застана со сета дружина на патот да јачека топлата погача.

Помина доста време, но од куќата никој не излегуваше.

Најпосле почна да вика владиката:

– Ајде моме, ајде побргу, ќе задоцниме. Далеку е Битола.

На тоа викање излезе девојчето на вратата и почна да се смее:- Ха, ха, ха!

Ама сте биле будали! Та каква погача чекате?

Таман мајка ми почна да ја насадува квачката и си рече:

..Их. да има сега некој поп да излажам, сите пилиња црни ќе ми се испилат”. и вие поминавте па јас ве излагав.

Туку одете си. одете си, не чекајте ја погачата. зашто не е ни месена, a камоли печена. – и се скри дома смеејќи се слатко.

– Е, дедо владика?

Што ќе речеш ти сега на ова?

Да го плукнам ли сега камчево?

– му се обрати Пејо.

Овој се насмевна, го благослови Пеја и му рече:

– Оди. Пејо, и прави како што си правел и досега.

Ти си умен и итар човек.

Така Пејо го испратил владиката и се вратил да се расправа со селаните.