На денешен ден се родил „Вториот Гоце Делчев“, народниот херој кој загина поради мрежа на предавства

Македонски комунист, еден од главните организатори на антифашистичкото движење (1938-1941) и на НОБ во Македонија. Ќе си речете ги има многу, но овој тогаш млад човек се истакнуваше од сите на повеќе начини.

Кузман Јосифоски – Питу е роден во Прилеп на 23 јуни 1915 година, а трагично загина на 25 февруари 1944 година, на само 28-годишна возраст. Поради својата неуморна народно-ослободителна дејност многу луѓе го нарекуваат Гоце Делчев на НОБ (Вториот Гоце Делчев). Многу работи се добро познати за него, што направил за татковината и колку се трудел, но малкумина ја знаат приказната од страната на неговото семејство.

Питу и неговото револуционерно семејство

Јосифовци се познато прилепско револуционерно семејство. Мајката Лефтерија родила три ќерки и двајца синови, сите активно вклучени во револуционерното движење. Од нив на олтарот на татковината животите ги положија големиот Питу, кого многумина го нарекуваат мозокот на револуцијата и најстарата ќерка Мара. Синот Аспарух ја преживеа војната и почина подоцна. Тој учествуваше во познатиот напад на Участакот на бугарската полиција во Прилеп на 11 Октомври 1941 година. Средната ќерка Стефанка, која за време на војната живееше во Кралево, е носител на Партизанска споменица, а најмалата Павлина, која тогаш била уште мало девојче, заедно со постарите одела на познатите излети во околината на Прилеп за да ги учи лекциите за револуцијата.

Павлина раскажува за односот со својот брат: „Кузман средно заврши во Битола, а студираше во Белград. Јас не бев воопшто организирана за разлика од браќа ми и од сестра ми Мара. За разлика од сите нас, тој беше подруг. Дома не се прибираше. Пред војната двајцата со сестра ми Мара беа прогонувани од тогашните југословенски власти. Кузман секогаш беше на некакви состаноци. По доаѓањето на Бугарите, беа прогонувани и од нив. Дома имаше постојано претреси од бугарската полиција, речиси секоја втора-трета вечер. Ако не посетеше некој непознат, полицијата доаѓаше и веднаш го бараше брат ми Кузман, ако дојдеше некоја жена ќе ја бараа сестра ми Мара.“

За убиството на Питу мајката Лефтерија и сестрите дознале речиси по една година од трагедијата

„Дека е убиен слушнав на првиот митинг по ослободувањето на Прилеп. Дента го калапевме тутунот, а јас и другарка ми што ни помагаше заминавме на митингот. Пред да биде одржан говорот на загинатите им беше оддадена почит. Прв беше спомнат брат ми. Како гром да ме погоди, се струполив на земја и се онесвестив.“, раскажува Павлина.

„Ме подигнале од земја и додека ме враќаа дома ме советуваа: ‘Воздржи се Павлина, мајка ти не знае.’ А кога стасавме, таа насмеана ме праша: ‘Како беше мајче? Имаше многу народ’, и велам и целата се тресам. Додека разговараме пристигна брат ми Аспарух и ме праша: ‘Кај си била?’ ‘На митинг’, му велам. Не знам како му се испушти, па ме праша: ‘А разбра ли за Кузман?’ Му одговорив потврдно. Одеднаш го слушнавме пискот на мајка ми. Така таа дозна дека загинал нејзиниот син Кузман.“, ја завршува својата приказна Павлина.

Аспарух за убиството знаел порано, но не сакал да им каже. Додека сестрата Стефанка дознала последна и во исто време дознала и за смртта на брат ѝ и за смртта на сестра ѝ Мара.

Кој го предаде Кузман?

Кузман Јосифовски – Питу бил убиен под мошне неразјаснети околности. Денеска, како што откриваат историчарите, постоела телеграма на црногорскиот раководител Светозар Вукмановиќ – Темпо до Тито во кое тој барал Питу по секоја цена да се тргне од АСНОМ, а тоа негово барање било засилено особено по Преспанското советување одржано на 2 август 1943 година, каде Кузман Јосифоски се залагал за формирање на македонски партизански одреди во останатите делови на етничка Македонија и нивна заедничка броба со Македонците од Вардарска Македонија,за целосно ослободување и обединување на Македонија.

Почнувајќи од 1940 година, секој 2 август тој во своите пораки, повици и прогласи ќе истакнува дека како „наследници на илинденците… ние, Македонците, сакаме да живееме во слобода“. На Илинден 1941 година ги повикува сите што живеат во Македонија: „На Илинден излезете сите да ја демонстрирате вашата волја, вашето желание за слободата, сите заедно, така како што заедно зедоа учестие на Илинденското востание вашите татковци и постари братја, за демократија, рамноправие и слободен живот“ затоа што „и денеска приликите сат скоро исти као и 1903 година“.

Семејството Јосифовски и денес не знае кој го предал Кузман. Верзијата што се пререраскажува не се сигурни дека е точна. Се зборува дека бил убиен поради Бугарката Анка Блгарјанова. Имал состанок со неа, а таа наводно била предадена од нејзиниот брат кој соработувал со бугарската полиција. Ја следел и кога забележал во која куќа влегла и со кого се состанала, ја пријавил. Подоцна и тој бил убиен од бугарските фашисти.

„Кој го предал Кузман точно не знаеме.“, објаснува Павлина. „По ослободувањето кај нас во Прилеп дојде Блгарјанова за да ни каже дека многу и е жал за Кузман. Откако си замина, мајка ми ни рече: ‘Да знаев оти таа била причина за смртта на Кузман со прсти душата ќе и ја извадев’. Во врска со убиството на нашиот брат многу нешта се сомнителни. Како можело Блгарјанова која била следена да биде уапсена и потоа пуштена, а Кузман да биде ликвидиран.“, изјавила Павлина.