На овој паметен Индонезиец му дошло преку глава од сообраќајниот метеж, па си направил хеликоптер од ѓубре

Секојдневното заглавување во сообраќајниот метеж може ужасно да ве изнервира, до толку што ќе го разбуди генијалецот во вас и ќе ве натера да најдете решение.

Сообраќајниот метеж е сериозен проблем за Индонезија. Инфраструктурата на земјата не е планирана за толку многу население, па одењето и враќањето од работа во главниот град може да трае и по неколку часа. Ставете ги згора на тоа и тропските горештини и ќе го разберете 42-годишниот автомеханичар Џунџун Џунаеди, кој живее 110 километри јужно од Џакарта во градот Сукабуми. Иако живее далеку од главниот град, сепак тој често морал да патува по набавки и често се соочувал со горчливиот проблем.

Пред една и пол година, на Џунџун толку многу му дошло преку глава, што откачил и почнал да прави свој хеликоптер во двор позади неговата куќа.

Во реализацијата на идејата му помогнале неговиот син и неговиот прв комшија. Резултатот на 1,5 година работа и 2100 потрошени долари е 8 метри долгиот хеликоптер, кој изгледа прилично добро. Пробното возење уште не се случило, но сега веќе целото семејство е на страната на Џунџун.