Најдеталните слики од Сонцето некогаш направени: Астрономите откриваат нови спектакуларни слики од лицето на Сонцето

Растојание од 74 милиони километри звучи огромно за набљудување на нешто. Но, кога станува збор за Сонцето, тоа и не е толку многу.

Токму од оваа оддалеченост, ЕСА/НАСА-овата сонда Solar Orbiter ги сними овие нови слики. Лансирана во 2020 година, Solar Orbiter е мисија што има за цел да го истражи Сонцето. Оваа сонда го проучува механизмот зад сончевиот ветер, сложената динамика на магнетното поле и појави како сончевите ерупции и короналните масовни исфрлања.

Ова е само дел од нејзините научни цели.

Една од главните задачи на мисијата е снимање слики со висока резолуција од површината на Сонцето. За таа цел, сондата е опремена со инструменти кои снимаат слики во различни бранови должини. Ова ѝ овозможува буквално „да ги открие слоевите“ на Сонцето и да ги проучи нивните меѓусебни односи.

ЕСА објави четири нови слики од Сонцето, секоја од нив нуди различен поглед на нашата ѕвезда: видлива светлина, магнетно поле, плазма и ултравиолетова светлина.

Сликите се направени со инструментите Polarimetric and Helioseismic Imager (PHI – германски придонес) и Extreme Ultraviolet Imager (EUI – белгиски придонес) во март 2023 година.

Секоја слика е составена од 25 одделни снимки направени истиот ден. Тоа се најдеталните снимки на Сонцето што некогаш биле направени.

Клучот е во магнетното поле

Според Даниел Мулер, научникот што ја води мисијата на Solar Orbiter, магнетното поле е од суштинско значење за разбирање на Сонцето.

„Магнетното поле на Сонцето е клучот за разбирање на динамичната природа на нашата ѕвезда, од најмалите до најголемите размери. Овие нови мапи со висока резолуција, направени од PHI инструментот на Solar Orbiter, ја прикажуваат убавината на магнетното поле и движењата на површината на Сонцето со неверојатни детали.

Во исто време, тие се од суштинско значење за разбирање на магнетното поле во врелата корона на Сонцето, која ја снимаме со нашиот инструмент EUI,“ изјави Мулер.

PHI инструментот, исто така, ни овозможува мапа на движењето на плазмата на површината на Сонцето. Сините региони се движат кон сондата, додека црвените се оддалечуваат.

Ултравиолетовата слика – визуелно најспектакуларна

Ултравиолетовата слика од EUI инструментот е највпечатлива. Таа прикажува што се случува над фотосферата, каде што светлечката плазма се издига од сончевите дамки. Оваа плазма е суперзагреана и се движи долж магнетните линии што ја поттикнуваат појавата на сончевите дамки.

Сликите направени од Solar Orbiter навистина се извонредни.

Лесно е да се изгубите во нив, размислувајќи за Животот, Универзумот, Природата, Еволуцијата, како сè настанало и за вашата смртност во споредба со сето тоа.

…И потоа да се вратите во вашата канцеларија.

 

 

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *