Најдоброто и најлошото време за полевање на цвеќињата во домот
Некои луѓе, без разлика колку се трудат, едноставно не можат да одржат растение во живот. Иако изгледаат отпорно, тие често завршуваат исушени. Една од можните причини? Погрешно полевање.
„Најчести грешки се претераното и недоволното полевање“, вели Парис Лалика̀та од The Sill. „Претераното полевање води до гниење на коренот, габични инфекции и пожолтување на листовите, додека недоволното предизвикува сушење, застој во растот и венеење“. Таа препорачува да се полева почвата, а не листовите, бидејќи влажните лисја се подложни на болести.
Различно растение, различни услови
Но, важен е не само начинот туку и времето на полевање. Кај внатрешните растенија, ригиден распоред за полевање не е секогаш соодветен. Условите како светлина, температура и влажност влијаат на потребите на растението. Ако почвата е веќе влажна, полевањето може да му наштети. Но, ако листовите венеат, време е за вода.
Беки Сурл, ботаничарка и експерт за градинарство, советува да се следи индивидуалната состојба на растението: „Проверувајте дали листовите се сушат, дали има инсекти или оштетувања, и внимавајте растението да не стои во вода. Користете внатрешна пластична саксија која можете да ја извадите, да го полеете растението и потоа да го вратите кога ќе се исцеди“.
Кај надворешните растенија, најлошо време за полевање е во текот на денот кога е најжешко. „Тогаш водата испарува пред да стигне до корените“, објаснува Сурл. Најдобро е да се полева рано наутро, кога е свежо и растението почнува да ја впива водата. Вечерното полевање пак може да предизвика задржување влага, што води до габични заболувања.
Дополнителни совети
Дополнителни совети вклучуваат избор на соодветна саксија: теракотните саксии се добри за влажни средини бидејќи брзо се сушат, додека пластичните и керамичките задржуваат влага и се погодни за посончеви места. Исто така, водата за внатрешни растенија не треба да биде премногу студена или жешка – собна температура е најдобра.
Ако растението изгледа болно и покрај соодветното полевање, проверете ја влажноста во воздухот. Во суви домови, додатен овлажнувач на воздухот може да биде од голема корист, особено за растенија чувствителни на сувост како фикусот.
Клучот е да се внимава на индивидуалните потреби на секое растение. Со малку внимание и прилагодување, секој може да го оживее својот зелен агол.
Коментирај анонимно