Најголемиот брод за крстарење во светот: Монументален брод што може да го смести речиси цел Пробиштип
Wonder of the Seas моментално ја има титулата најголем крстосувач во светот, или најголем крстосувач кога станува збор за тонови за регистрација – мерна единица која во поморските работи го означува обемот на сите затворени простори.
Овој монументален брод на Royal Caribbean има 236.857 регистрирани тони, што го надмина претходниот рекордер – крстосувачот Symphony of the Seas, кој е во сопственост на истата компанија. Се движи со максимална брзина од 22 јазли.
Wonder of the Seas може да прими и превезува најмногу 6988 патници и 2300 членови на екипажот. Тоа е приближно целокупното население на некои од помалите градови во Македонија како Пробиштип или Берово.
Крузерот е долг 362 метри и вклучува 2867 кабини со различни големини кои се наоѓаат на 18 палуби. Wonder of the Seas има 19 базени, прекрасен воден парк со тобогани и место кое спроведува вештачки бранови за сурфање.
На располагање ви е парк со 20.000 засадени дрвја и растенија, игралиште за кошарка, лизгалиште, теретана, зип-лајн, кино сала со 1.400 седишта, луксузен спа центар и казино.
Може да се освежите во 20 ресторани кои служат популарни јадења од интернационалната кујна, а во 11 кафулиња, вклучувајќи го и барот Bionic каде што ве служат – роботи.
Изградбата на крстосувачот е нарачана во септември 2016 година, а за него се потрошени околу 1,2 милијарди евра. Бродот е изграден во бродоградилиштето Chantiers de l’Atlantique во Сен-Назер, Франција, а своето прво патување го имаше во март оваа година.
Wonder of the Seas ќе ги вози патниците преку Карибите и Медитеранот.