Најстарите рецепти за јадења потекнуваат од антички Вавилон – еве што и како се готвело порано
Иако кулинарските видеа и блогови изгледаат како современ феномен, готвењето отсекогаш било важен дел од човечката култура. Археолозите откриваат остатоци од храна низ светот – од пригорена каша на садови од камено доба до „пивски леб“ во Древен Египет.
Сепак, рецепти во пишана форма се реткост во минатото. Наместо точни мерки и чекори, како денешните готвачки книги, древните упатства често биле нејасни, со состојки што денес не постојат или не се преведуваат. Многу записи биле медицински, а не кулинарни, што дополнително ги збунувало истражувачите.
Видови јадења
Најстарите познати рецепти денес потекнуваат од четири вавилонски глинени таблички, датирани околу 1730 г. п.н.е., пронајдени во јужен Ирак. Долго се мислело дека станува збор за лекови, сè додека во 1980-тите археологот Жан Ботеро не потврдил дека се работи за кулинарни упатства.
Во поново време, тим од Универзитетот Харвард успеал да ги преведе и реконструира рецептите, и покрај оштетувањата и непознатите состојки. Меѓу нив имало супи, рагу од месо и зеленчук, пита со мали птици, па дури и рецепт со глувци и крв.
Едноставни рецепти, вкусни јадења
Една табличка нудела подетални упатства, но повеќето биле мошне кратки. На пример: „Се користи месо. Се вари вода. Се додава сол, сушени јачменови лепчиња, кромид, млеко, праз и лук.“
Овие таблички се најстарите познати пишани рецепти и претставуваат редок увид во кулинарните навики на античка цивилизација. Тие потсетуваат колку длабоки се нашите врски со храната и нејзината улога низ историјата на човештвото.
Коментирај анонимно