Најубавите мисли и цитати од Тоше Проески, кој денес ќе го славеше 40-тиот роденден

Постојат многу работи кои можат да предизвикаат болка во срцата на луѓето, но заминувањето на еден човек предизвика колективна болка во срцата на Македонците, целиот Балкан, па и пошироко. Тоше Проески не напушти прерано, а зад себе остави прекрасна музика и спомени за неговата хуманост и добродушност. Денес тој ќе го славеше својот 40-ти роденден и веруваме дека ќе постигнеше повеќе од било која ѕвезда на овие простори. За жал и оваа година неговиот роденден буди болка, но и радост дека светот имал таква чест да „запознае“ личност каква што беше Тоше. По овој повод одлучивме да споделиме некои од неговите најмудри мисли и цитати, кои и денес ни ги топлат срцата.

„Да имам огромна моќ, макар и накратко, би направил да исчезне омразата и злото и луѓето меѓусебно да делат љубов.“

„Не сакам да ми симнувате капа. Само сакам да се гордеете со мене.“

„Сакајте се! Правата љубов е онаа љубов која ја дариш, а не очекуваш да биде возвратена. Кога се чувствува чувството на љубов, доволно е едносмерно. За врска треба да биде двосмерно, а за љубов е доволно само едносмерно.“

„Човекот треба да биде инспириран, и го молам Бога да не ми ја зема инспирацијата за музиката и инспирацијата во животот.“

„Мене ми е незамисливо дека некој кој може да им помогне на оние кои имаат малку или немаат ништо, ги затвора очите и не им подава рака.“

„Верувам во Бога и единствено него можам да му се заблагодарам за дарот кој го имам, затоа што ова што го правам го сметам за мисија која Тој ја извршува преку мене. Јас сум само марионета.“

„Ѕвездите не постојат, освен оние на небото. Јас само си ја работам својата работа, а тоа што сум популарен само ме прави успешен.“

„Кога ќе ви одземат сè, ќе ви останат двете раце, составете ги една до друга за молитва. Тогаш ќе бидете НАЈСИЛНИ.“

„Без оглед на она што го велат дека скромноста е одлика на глупавите луѓе, јас не се согласувам со тоа. Скромноста е одлика на добрите луѓе.“

„Човекот мора да остане човек, без оглед на тоа со што се занимава и каков успех постигнал.“

И ЗА КРАЈ… „Ве сакам сите!“