Научници ја открија тајната на среќата: Вложувајте само 50% напор
Тајната за среќен живот е во тоа да бидете „половични“ во сè што правите со филозофијата „не се замарај“, според една научничка. Луѓето би биле посреќни и помалку изморени ако вложуваат само 50% напор во сè што прават.
Овој метод „не ме засега премногу“ ги остава луѓето посреќни и релаксирани, тврди гуруто за животен стил и авторка Лина Нормс. Таа напишала книга за самопомош во која советува да не се вложува сè во ништо.
Дури и Лина – чие презиме е само скратена верзија на вистинското, Нормингтон – напишала девет поглавја наместо планираните 18. Сепак, таа го брани објавувањето само на „најдобрите 50% од своите мисли“, тврдејќи дека книгата така станала поквалитетна.
Според неа, премногу труд на работа носи само повеќе работа, одговорности и стрес. „Мислам дека сите ние се обидуваме да поминеме низ животот без премногу исцрпување, користејќи многу кратенки. Станува збор за прифаќање дека кратенките се во ред, сè додека сме свесни зошто ги користиме“, вели Лина.
Критика на перфекционизмот
Таа прашува зошто луѓето треба да ја направат платената работа центар на својот живот, кога успехот сам по себе нема да ги направи задоволни. Според Лина, повеќето луѓе никогаш не ја добиваат својата „работа од соништата“, а никој не ужива во сите аспекти од својата работа.
„Зошто би вложувале 100% во нешто, и тоа за што?“, прашува таа.
Нејзината книга „Полусрцен човек: Како да живеете подобро без да се исцрпите“ ги истакнува предностите на животната филозофија „така е, како што е“. Лина, која има 34 години, верува дека „сè што вреди да се направи, вреди да се направи полусрцено“.
„Полусрцено“ живеење
Оваа стратегија, како што вели Лина, не ѝ нанела штета – таа е објавена поетеса и успешна јутјуберка со над 24 милиони прегледи на видеата за препораки за книги, совети за читање и животни лекции.
Нејзините девет поглавја покриваат теми како домот, стилот, кариерата и телото – области во кои повеќето книги за самопомош бараат 100% посветеност, што често завршува со разочарување.
Според Лина, подобро е да направите нешто полусрцено отколку воопшто да не се обидете. Таа верува во „навиките со двоен ефект“ – на пример, поврзување на нова цел со нешто што веќе го правите.
„Секогаш кога ми требаше туш, се обидував да најдам време за 20-минутно трчање пред тоа. Дали секогаш го правам тоа? Апсолутно не. Но, тоа резултираше со трчање неколку пати неделно, што, и покрај неуспесите, е многу повеќе отколку претходно.“, пишува таа.
Прифатете ги границите
Лина предлага, ако ви треба повеќе време, наместо да станувате порано, да се откажете од нешто друго. Освен заштитата од сонце, вели таа, сите други форми на нега на кожа треба да се игнорираат.
Што се однесува до вежбањето, препорачува да имате „груба идеја колку често би сакале да го правите тоа и потоа да ја преполовите“.
Пример: Полувеганство
Лина почнала да го применува „полусрцениот“ пристап кога се обидувала да престане да јаде месо за да стане веган. Наместо целосен премин, таа сфатила дека е подобро да биде „лош веган“ отколку целосно месојадец. Затоа се здружила со пријателка и се договориле секој втор ден да избегнуваат месо.
„Ако ти јадеш месо денес, тогаш ќе ме известиш, и јас нема да јадам месо тој ден“, вели таа.
Овој пристап ѝ помогнал да го намали чувството на вина и да ја поддржи својата одлука.
Во описот на својата книга на Amazon, Лина ја нарекува „единствената книга за самопомош која ви кажува да се откажете“.
„Освен што нема потреба да се откажете, нели? Затоа што никогаш и не почнавте. Јас исто така.“
Според неа, наместо да се трудиме да бидеме „суперчовек“, време е да станеме „полусрцени луѓе“ и да прифатиме дека „во свет на високи летачи, понекогаш е доволно само да бидеме во воздух“.
Коментирај анонимно