Научниците открија „вонземски свет“ десет пати поголем од Јупитер

Лоциранa на приближно 325 светлосни години (3.074.737.491.492.836.039 километри) во соѕвездието Кентаур, големиот телескоп на Европската јужна опсерваторија (ESO’s VLT) успеа да сними планета која орбитира околу б Кентаур, систем со две ѕвезди што всушност може да се види со голо око.

Системот има најмалку шест пати поголема маса од нашето Сонце, „што го прави убедливо најмасивниот систем околу кој е потврдена планета“, според ЕСО. Пред ова откритие, ниедна планета никогаш не била забележана околу ѕвезди три пати поголеми од Сонцето.

Наодите беа откриени во нова студија, објавена во списанието Nature. „Наоѓањето планета околу б Кентаур беше многу возбудливо бидејќи целосно ја менува сликата за масивните ѕвезди како домаќини на планетите“, рече Маркус Јансон, астроном од Универзитетот во Стокхолм и прв автор на студијата.

Ѕвездата во центарот на системот б Кентаур е трипати пожешка од Сонцето, и испушта огромна количина на ултравиолетово и рендгенско зрачење. Како резултат на нејзината масивна маса и топлина, формирањето на планети е обично многу помалку веројатно бидејќи околниот материјал испарува побрзо.

„Ѕвездите од типот б генерално се сметаат за доста деструктивни и опасни средини, па се веруваше дека би требало да биде исклучително тешко да се формираат големи планети околу нив“, објасни Јансон, што значи дека овој нов свет навистина не треба да постои.

„Планетата во б Кентаур е вонземски свет, сосема поинаков од она што го доживуваме овде на Земјата и во нашиот Сончев систем“, додаде Гајатри Висванат, докторант на Универзитетот во Стокхолм и коавтор на студијата.

„Тоа е сурова средина, доминирана од екстремно зрачење, во огромни размери: ѕвездите се поголеми, планетата е поголема, растојанијата се поголеми“.

Покрај тоа што е џиновска, планетата, наречена б Кентаур (AB)b, исто така се движи околу ѕвездениот систем во една од најшироките орбити некогаш откриени, проценета на растојание 100 пати поголемо од Јупитер од Сонцето. Можеби ова е причината зошто успеа да преживее и покрај огромната топлина на ѕвездата.