Научниците предупредуваат: Студен бран на Земјата во наредните децении
Истражување спроведено од руски научници од Научниот центар Кола и нивните фински колеги укажува на можност за глобално ладење во наредните децении. Според нив, климатските промени на планетата се случуваат циклично, на секои 300-400 години, што го покажуваат резултатите објавени во списанието „Геосајенс“.
Научниците користеле хронологија на прстените на дрвјата за да соберат податоци за боровите дрвја што растат во северна Европа. Елена Касаткина, главен истражувач во Научниот центар Кола, истакна дека некои примероци од дрво се стари над 7.600 години. Преку анализата на годишните прстени, научниците можеле да утврдат кога се случиле климатски катаклизми – бидејќи во ладни услови растот на прстените значително се намалува.
Истражувачите користеле вештачка интелигенција за да ја подобрат точноста на прогнозите. Овие методи потврдиле постоење на секуларни циклуси на ладење со веројатност од 95%. Врз основа на овие податоци, научниците предвидуваат нов студен бран помеѓу 2063 и 2073 година.
Во најлош случај, ова може да доведе до Мало ледено доба, слично на она од 1645 до 1715 година, кога температурите значително се намалиле. Според Касаткина, студениот бран може да биде поврзан со намалување на сончевата активност, што историски се поврзува со глобално ладење.
Последниве години се забележува намалување на сончевите дамки, што предизвикува загриженост кај научниците. Но, не се само сончевите циклуси што влијаат на климата. Вулканската активност исто така може да го влоши студениот бран, а научниците предупредуваат на можни ерупции од големи вулкани како Јелоустоун, кои можат да предизвикаат сериозни климатски промени.
Геофизичарите предупредуваат и на астероиди како потенцијални закани, но веројатноста за нивен судир со Земјата во следните 40 години е мала. Од друга страна, намалувањето на сончевата активност може да помогне во ублажување на ефектите од глобалното затоплување предизвикано од човекот.
Коментирај анонимно