Навистина магична печурка: Оваа врста печурки може да го успори растот на ракот и да го продолжи животниот век, а ја има кај нас во изобилство!

Ново истражување од Центарот за лекување рак City of Hope покажува дека екстрактот од обична бела печурка може да го забави напредувањето на ракот на простатата со тоа што го спречува растот на туморите и ги поддржува имуните клетки кои се борат против ракот.

Но, еден од авторите на студијата предупредува дека купувањето екстракт од печурки како универзален лек може да биде ризично.

„Истражувачите од City of Hope ги испитуваат храните како белата печурка (шампињони), екстрактот од семки од грозје, калинката, боровинките и јаминот (вид зрнесто овошје) за нивните потенцијални лековити својства. Откриваме дека супстанци добиени од растенија еден ден може да се користат за поддршка на традиционалните методи за лекување и превенција од рак,“ изјави Шиуан Чен, професор од Одделот за биологија на рак и молекуларна медицина.

Добрата вест е дека обичните бели печурки, односно шампињони – познати и како Agaricus bisporus – се најчесто консумираните печурки кај нас, а и ширум светот.

 

Во Првата фаза од истражувањето, научниците открија дека кај околу 36% од учесниците нивото на простатен специфичен антиген (PSA) се намалило три месеци откако земале таблети со екстракт од бела печурка.

PSA е протеин кој го произведуваат клетките на простатата – зголеменото ниво во крвта може да укажува на рак на простатата. Во оваа фаза од испитувањето, не биле забележани значителни несакани ефекти од таблетите.

Во Втората фаза, истражувачите ја тестирале хипотезата дека третманот со печурки го забавува напредокот на ракот на простатата преку таргетирање на клетките што го потиснуваат имунитетот, познати како MDSCs (миелоидно-добивени супресорни клетки).

Овие клетки го поддржуваат растот на туморите така што го спречуваат имунолошкиот систем.

 

По три месеци консумирање екстракт од шампињони, осум пациенти имале намален број на MDSCs во крвта и зголемена активност на Т-клетките и природните „убијачки“ клетки, кои ги напаѓаат туморите. Кај глувци, комбинацијата од третманот со печурки и имунотерапијата го продолжила преживувањето за осум дена.

Истражувачите посочуваат дека шампињоните содржат полисахариди, познати и како бета-глукани, кои природно го стимулираат имунитетот на различни начини. Наодите беа објавени минатиот месец во списанието Clinical and Translational Medicine.

 

Овие резултати доаѓаат во време кога ракот на простатата останува еден од најчестите и најсмртоносните видови рак кај мажите. Лечењето вклучува хируршко отстранување на простатата, радиотерапија, хормонска терапија, хемотерапија и имунотерапија.

Додека City of Hope продолжува да ги истражува потенцијалните антиканцерогени ефекти на шампињоните, истражувачите предупредуваат дека не треба слепо да се купуваат екстракти од печурки онлајн.

„Некои луѓе купуваат производи или екстракти од печурки преку интернет, но тие не се одобрени од FDA,“ предупредува д-р Ксиаокианг Ванг, научник од City of Hope и прв автор на студијата. „Иако нашите резултати се ветувачки, истражувањето сè уште е во тек. Но, нема штета ако луѓето сакаат да додаваат свежи шампињони во својата секојдневна исхрана“.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *