Ненадејно почина Реј Лиота, актерот кој изгради импресивна филмска кариера и покрај тешкиот живот откако мајка му го напуштила како бебе
Веста за ненадејната смрт на ѕвездата Реј Лиота предизвика шок во Холивуд, но и ширум светот. Реј Лиота, кој почина во сон, во хотел во Доминиканската Република, на карипскиот остров Зона Колониал, е најдобро запаметен по неговата работа на големото платно и неговата доминација во жанрот на мафијашки филмови, додека пак, зад сцената, неговиот живот беше исто толку драматичен и понекогаш, трагичен, како и многу од ликовите што ги толкуваше.
Смртта на овој легендарен актер изненади многумина, бидејќи тој во моментот го снимал најновиот филм „Опасни води“ во Доминиканска Република. Екипата од брза помош се обидела да го спаси, но безуспешно. Неговото тело е предадено на обдукција.
Реј Лиота има зад себе импресивна кариера, но исто така сиве овие години го носел товарот на драмите кои се одвивале во неговиот приватен живот уште од неговото раѓање.
Имено, Реј Лиота е роден во Њуарк, Њу Џерси, на 18 декември 1954 година. Неговата мајка го оставила во сиропиталиште како бебе, а тој бил посвоен на шестгодишна возраст од шкотска службеничка и сопственик на италијанска продавница за автоделови, Мери и Алфред Лиота. Исто така, посвоена е и неговата сестра Линда. Тој претходно изјавил дека поголемиот дел од своето време како дете го поминувал спортувајќи кошарка, бејзбол и фудбал и играл игри во кои бил преправен како „војник“. Тој бил воспитан како католик, но не се сметал себеси за религиозен, бидејќи за него црквата била „страшно место“. „Не бевме израснати во строг дом, но одевме во црква секоја недела, а таму имавме ужасен свештеник. Јас бев воспитан како католик и свештеникот беше страшен, а црквата беше толку тешка и страшна. Тој ми го даде овој огромен страв од смртта… Дефинитивно би рекол дека сум многу повеќе духовен отколку религиозен“, изјавил тој во 2014 година.
Овој актер иако играл во многу мафијашки филмови, сепак признал дека како дете не бил голем борец и дека неговата единствена тепачка била во седмо одделение, на која како на шега се сеќава.
Го завршил средното образование во училиштето Унион во 1973 година, а продолжил на Универзитетот во Мајами, каде студирал глума и дипломирал во 1978 година. Додека бил на колеџ, тој настапувал во мјузикли како Кабаре, Дами на море, Оклахома и Звукот на музиката.
Како созреан и возрасен човек, Лиота се одлучил да ја пронајде својата биолошка мајка, и заедно со неговата поранешна сопруга Грејс успеал да ја најде за еден ден. Таа средба била разочарувачка за него. „Најголемата работа што ја добив од нашата средба беше: „Фала му на Бога што бев посвоен“ изјавил актерот. Но, подоцна раскажал дека откако ги слушнал причините поради кои го напуштила мајка му, успеал да ја сфати, и воедно бил благодарен што му направила услуга со тоа. Во текот на својот живот, Лиота верувал дека е половина Ирец, а половина Италијанец, но од мајка му дознал дека всушност има шкотско потекло. Што се однесува до неговиот биолошки татко, тој не знаел многу за него, бидејќи не му кажала речиси ништо.
Интересен податок е дека и покрај тоа што Реј Лиота е една од најголемите филмски ѕвезди, тој никогаш не сакал да биде актер, туку бил насочен кон спортот. Сѐ додека не го замолил неговиот наставник по глума, да учествува во претстава. „Да не станав актер, ќе се занимавав со градежништво. Секогаш мислев дека ќе се занимавам со градежништво. Тоа го работев во летниот период“,. „Мојот татко имаше ланец на продавници за автомобили. Откако ќе дипломирам на факултет, знаев дека тој сака да го преземам бизнисот, но јас го мразев тоа, до денес го мразам мирисот на гума“ изјавил тој.
Своето филмско деби го имаше во 1983 година во филмот „Осамено момче“, но она што се сметаше за негова прва голема филмска улога се случи во 1986 година во „Нешто диво“, што му донесе номинација за Златен глобус за најдобра споредна машка улога. Во 1990 година ја добива улогата на мафијашот Хенри во „Добри момци“ на Мартин Скорсезе, каде глуми заедно со Роберт Де Ниро, Џо Пеши, Лорејн Брако и Пол Сорвино, кој станува еден од најпопуларните филмови во своето време. Овој филм заработил 47 милиони долари на кино благајните и бил номиниран за шест награди на Оскар.
За време на снимањето на овој култен филм, голема трагедија го погодила Лиота. Имено, го известиле дека мајка му, која боледувала од рак, умира. Тогаш тој итно отишол во болница и успеал токму на време да се збогува со неа. „Се вратив во болницата таа ноќ, и за среќа бев таму кога таа почина, буквално во моите раце“, рекол тој.
Потоа, тој глумеше во голем број филмови и ТВ емисии. И покрај тоа што се појавил во повеќе од 120 филмски улоги во текот на неговата кариера, тој признал дека сè уште не се чувствувал како да се вклопува со неговите колеги актери. Тој своевремено изјавил: „Не се чувствувам како да сум еден од момците. Дури и кога сум со овие момци (неговите колеги ) чувствувам дека сум потивок и им дозволувам да заземат централно место. Мојата личност е помирна. Нема потреба да бидам во центарот на вниманието. Не знам дали тоа е да се биде аутсајдер или не“.
Лиота ја запознал својата поранешна сопруга Грејс во февруари 1997 година кога и двајцата присуствувале на бејзбол натпревар. Тие се венчале во 1999 година и биле заедно до 2004 година. Тие имаат една ќерка, по име Карсен Лиота – која сега и самата е актерка. Таа се заљубила во глумата откако го посетила сетот на нејзиниот татко како дете. Познат факт е дека актерот и неговата ќерка биле длабоко поврзани и секој слободен момент го поминувале заедно. За одличниот однос со поранешната сопруга, Грејс, тој изјавил: „Таа е одлична жена и фала му на Бога, ние сè уште сме пријатели. Таа сè уште останува во куќата, за да може Карсен да не гледа заедно, да ја почувствува семејната заедница“.
Во времето кога се разделил од Грејс, Лиота рекол дека не излегува со никого, но сепак се надева дека ќе ја пронајде љубовта на својот живот.
Пред неговата смрт, Лиота повторно најде љубов, со поранешната фризерка Џејси Нитоло (47). Таа и Лиота за прв пат се појавиле на црвениот тепих на филмските награди во февруари 2020 година, а свршувачката ја објавиле во декември истата година. „Божиќните желби се остваруваат. Ја замолив љубовта на мојот живот да се омажи за мене, и фала му на Бога, таа рече да!“ напишал тој во тоа време на Инстаграм.
Овој легендарен актер со своето импресивно портфолио остави траен белег во филмската индустрија и ќе остане запаметен по многубројните негови брилијантни улоги.