Невозможна мисија? Крадци однеле накит и дијаманти вредни милијарди од музеј во Германија кој требал да биде побезбеден од воена база

Можеби мислевте дека акционите филмови кои ги гледате со историски кражби и надминување на најсовремение безбедносни системи се само мит, но крадците кои го „соголија“ музејот во Дрезден, Германија го докажаа спротивното. Уште во 2010 година, поранешниот директор на музејот Мартин Рот се пофали дека Зелениот трезор во Дрезден е „сигурен како Форт Нокс“, опремен со „невидливи“ системи за безбедност.

Полицијата ја нарече „најголемата кражба во повоената историја“ и сторителите се сѐ уште во бегство. Тие однеле историски накит и дијаманти кои најмалку можат да се проценат во една милијарда евра.

Крадците вчера влегле во музејот преку мал прозорец во 5 часот наутро, а пред тоа ја исклучиле струјата. Додека полицијата допрва треба да ја потврди точната монетарна вредност, државниот министер за внатрешни работи Роланд Волер ги опиша богатствата како „неизмерна вредност“.

На прес-конференцијата, Волер рече: „Крадците] украле културни богатства со непроценлива вредност – тоа не е само материјална вредност, туку и нематеријална вредност за државата Саксонија, што е невозможно да се процени.“

„Богатствата што може да се најдат таму, како и во Престојната палата, биле собрани од народот на Саксонија во текот на многу векови и се тешко стекнати богатства. Вие не можете да ја разберете историјата на нашата земја или слободната држава Саксонија без Зелениот трезор и државните уметнички колекции на Саксонија.“, изјавил Мајкл Кречмер лидерот на Саксонија, чиј главен град е Дрезден.

Потврдено е дека крадците избегале со автомобил. Околу 5:00 часот наутро, локалните пожарникари биле повикани да го изгаснат пожарот кај блискиот дистрибутер на електрична енергија – властите сега се сомневаат дека може да се поврзе со кражбата.

Ако проценетата вредност од 1 милијарда евра е точна, лесно би била најголемата кражба на уметности во историјата, далеку надминувајќи ја кражбата од 500 милиони американски долари во музејот Гарднер во Бостон пред скоро 30 години. Богатствата складирани во Зелениот трезор вклучуваат фигура од 3,8 см од Мур, обложена со смарагди, како и сафир со 648 карати – кралски подарок од рускиот цар Петар Велики.