Никогаш не било полесно: Кој е трикот со којшто најбрзо ќе ја совладате новата вештина во вашето секојдневие?
Учењето нова вештина, како свирење инструмент, градинарство или изучување странски јазик, бара многу време, труд и вежбање. Но, според истражување на Институтот за невронаука при Универзитетот во Орегон, додавањето на пасивна изложеност во процесот може значително да го забрза учењето.
Пасивната изложеност подразбира минимален напор и е пријатна активност. На пример, додека активно учење бара повторување на задачата и добивање повратни информации за напредокот, пасивната изложеност вклучува слушање, гледање или апсорбирање на содржини поврзани со вештината што ја учите, без директно извршување на задачата.
Истражувачите истакнуваат дека, ако учите да свирите блуз на гитара, слушањето музика од легенди како „Howlin’ Wolf” или „Robert Johnson” може да биде од голема помош. Ако се обидувате да научите да готвите, гледањето емисии на кулинарски теми создава идеална средина за пасивно учење. За градинарство, обрнете внимание на растенијата во вашето опкружување или посетете ботанички градини. А, ако учите странски јазик, гледањето филмови, телевизиски емисии или слушањето подкасти на тој јазик е одличен избор.
Истражувањето, спроведено врз глувци, покажа дека оние кои беа пасивно изложени на одредени звуци учеа побрзо и полесно од другите. Научниците заклучија дека комбинирањето на активното вежбање со пасивна изложеност може да постигне повисоко ниво на успешност со помал вложен напор.
Овој пристап не само што го олеснува процесот на учење, туку и нуди можност да се ужива повеќе во она што ве инспирирало да учите.
Коментирај анонимно