Нов кинески сателит пренесува податоци пет пати побрзо од „Starlink“
Кинеските научници постигнаа значаен напредок во сателитските комуникации, успешно пренесувајќи податоци со брзина од 1 гигабит во секунда (Gbps) од геостационарен сателит до Земјата со помош на ласер од само 2 вати. Според South China Morning Post, ова е пет пати побрзо од брзината на сателитскиот интернет што го нуди Starlink на SpaceX, кој работи од орбита на 550 километри височина и обезбедува неколку десетици мегабити во секунда.
Нов пристап за надминување на атмосферски пречки
Еден од најголемите предизвици кај ласерската комуникација е атмосферската турбуленција, која го искривува и ослабува сигналот. За да го решат овој проблем, истражувачите развиле метод наречен AO-MDR синергија. Тој комбинира адаптивна оптика за подобрување на сигналот и мулти-режимски прием за поефикасно фаќање на расфрланите податоци.
Експериментот е спроведен во опсерваторијата Лиџијанг, каде телескоп од 1,8 метри со 357 микроогледала ги коригирал искривувањата на ласерската светлина. Потоа, сигналот бил поделен на осум канали, а алгоритам во реално време ги избирал трите најсилни и најчисти за пренос.
Потенцијал за побрза и поефикасна комуникација
Резултатите покажаа значително подобрување во квалитетот на преносот, со намалување на бројот на грешки и зголемување на веројатноста за примање на корисни сигнали од 72% на 91,1%. Овој напредок може да има важна примена во области каде што е потребна сигурна и брза комуникација, како што се висококвалитетен видео пренос, научни мисии и безбедносни системи.
Ласерската технологија има потенцијал да ја надмине традиционалната радиофреквентна комуникација поради својот поширок пропусен опсег и способност за пренос на големи количини на податоци со поголема ефикасност.
Коментирај анонимно