Новиот најстар маж на светот е потврден од Гинисовата книга на рекорди – сепак, е далеку од најстарата жена на светот
Гинисовата книга на рекорди го потврди новиот најстар човек во светот – Жоао Маринјо Нето од Бразил, кој има 112 години и 55 дена. Оваа титула тој ја презеде по смртта на претходниот носител, Британецот Џон Алфред Тинисвуд, кој почина на 112-годишна возраст.

Жоао, роден на 5 октомври 1912 година во Марангуапе, Сеара, Бразил, е последниот преживеан човек роден од 1912 година. Тој е поранешен свињар и земјоделец, кој работел на полињата уште од својата четврта година, помагајќи му на татко му со грижата за добитокот и бербата овошје од локалните дрвја.
Во својот живот Жоао изгради силно семејство. Со својата прва сопруга, Жозефа Албано дос Сантос, имал четири деца, додека со својата партнерка Антонија Родригес Моура добил уште три деца. Денес, тој е опкружен со големо семејство кое брои 6 живи деца, 22 внуци, 15 правнуци и 3 праправнуци.
Кога бил запрашан за тајната на неговата долговечност, Жоао изјавил дека клучот е „да бидеш опкружен со добри луѓе и близок со саканите“.

Жоао сега ја држи титулата за најстар човек, но сепак е далеку од најстарата жена во светот – 116-годишната Јапонка Томико Итока. Таа ја припишува својата долговечност на планинарење и пешачење, што е совет што и претходниот носител на титулата, Џон Тинисвуд, го препорачуваше.
„ЛонгевиКвест“, организацијата што го потврдуваше неговиот рекорд, изрази честитки до Жоао и неговото семејство, нагласувајќи дека неговата приказна е инспирација за целиот свет.

Коментирај анонимно