Нутриционистка открива: Дали лутата храна е лоша или добра за нас?
Лутата храна – онаа што “гори” – секогаш ги делела луѓето. Или ја обожавате, ја избегнувате, или само ја толерирате. За оние кои уживаат во зачинетото, како нутриционистката Аманда Сауседа, лутите пиперки внесуваат возбуда и вкус во секој оброк. Таа вели дека, доколку сакате да намалите со солта, додадете малку лута нота во храната. Интересно е тоа што таа, како и многумина, со време ја градела својата толеранција кон лутото – која со текот на времето прераснала во љубов.
Толеранцијата кон лутата храна зависи од неколку фактори – дали сте ја јаделе како дете, дали сте личност што сака предизвици или едноставно – генетика. А сега, да видиме кои се потенцијалните придобивки – и ризици – од зачинетата храна.
Содржина:
Што ја прави лутата храна „лута“?
Главниот „виновник“ за жештината во лутите пиперки е соединението капсаицин. Кога го внесуваме, капсаицинот се врзува за специфични рецептори за болка во устата и низ дигестивниот тракт, објаснува Сауседа. Мозокот ја регистрира таа болка како чувство на горење или зголемена температура, поради што телото започнува да се лади – па затоа се потиме, ни се црви лицето, течат солзи и нос.
Но дали капсаицинот, со тоа што активира болка, навистина ни штети? Не секогаш. Всушност, и Сауседа и колешката диететичарка Кони Елик се согласуваат дека капсаицинот има и добри страни.
Потенцијални придобивки од јадењето лута храна
Капсаицинот може да има антиоксидативни својства
Антиоксидансите се „чистачи“ на телото. Тие ги неутрализираат т.н. слободни радикали – штетни соединенија кои се создаваат природно, но и поради загадување, алкохол, пушење. Ако има премногу од нив, можат да предизвикаат оштетување на клетките и ДНК, па дури и да доведат до хронични болести.
Капсаицинот има антиоксидантно дејство, а лутите пиперки се и одличен извор на витамин Ц – уште еден моќен антиоксиданс. Една зелена чили пиперка обезбедува дури 121% од дневната потреба за витамин Ц, а една црвена 72%.
Можеби влијае позитивно на холестеролот, притисокот и цревната флора
Научните студии на луѓе засега не даваат јасни заклучоци – не е сигурно дали капсаицинот го подобрува или влошува холестеролот и крвниот притисок. Но има интересни резултати од истражувања на животни – каде капсаицинот позитивно влијаел на микрофлората во цревата, зголемувајќи ги добрите и намалувајќи ги штетните бактерии.
Потенцијални негативни ефекти од лута храна
Може да предизвика горушица и киселина
Ако често имате киселина или горушица, лутата храна не ви е пријател. Капсаицинот може да го иритира хранопроводникот, а и да го опушти долниот езофагеален сфинктер – мускул кој спречува желудочна киселина да се враќа нагоре. Кога тој попушта, добиваме познатото чувство на печење во градите. Дури и ако немате хроничен рефлукс, ваквото печење е знак дека сте претерале со зачините.
Може да предизвика дигестивни проблеми
Капсаицинот ги иритира ткивата во цревата. Телото тоа го препознава како „опасност“, па ја забрзува перисталтиката – движењето на цревата. Затоа понекогаш после лут оброк нè фаќа дијареа или нè тера веднаш во тоалет – знак дека телото сака што побрзо да се ослободи од капсаицинот.
Не е пријател на луѓе со чир
Лутата храна не предизвикува чир на желудникот – но ако веќе имате чир, ќе ви ја влоши состојбата. Капсаицинот ја иритира желудечната слузница, која веќе е оштетена од чирот – па симптомите се посилни.
Дали да се плашиме од лута храна?
Не мора! Ако ви годи и ја поднесувате добро – слободно уживајте. Таа може да има здравствени придобивки. Но, ако забележите непријатни реакции – време е да ја намалите дозата. Како и со сè во животот: клучот е во умереноста.
Коментирај анонимно