Од фараонова клетва до лек: Габата од гробницата на Тутанкамон може да лечи леукемија?
Она што некогаш се сметало за клетва, денес би можело да биде лек. Во 1920-тите, мистериозните смртни случаи по отворањето на гробницата на Тутанкамон беа припишани на „фараоновата клетва“. Слично се случи во 1970-тите кога тим научници влезе во гробницата на Казимир IV во Полска — 10 од 12 членови на тимот починале во рок од неколку недели.
Подоцна се откри дека гробницата содржела токсична габа Aspergillus flavus, која предизвикува белодробни инфекции.
Патот до откривање на лекот
Денес, научниците од Универзитетот на Пенсилванија ја трансформираа оваа „габа-убиец“ во потенцијален сојузник во борбата против леукемијата. Во новата студија објавена во Nature Chemical Biology, истражувачите покажуваат дека од оваа габа може да се добијат соединенија — наречени RiPPs — кои покажале силно дејство врз клетките на леукемија.
„Габите ни го дадоа пеницилинот,“ изјави професорката Шери Гао, додавајќи дека природата сè уште крие бројни лековити тајни. Главната авторка на студијата, Кијуе Ни, истакна дека се работи за „недоволно истражена област со огромен потенцијал“.
Природата е аптека
Иако изолацијата и прочистувањето на овие молекули е сложен процес, нивната биолошка активност е извонредна. Досега вакви соединенија биле откриени претежно кај бактерии, но новото истражување укажува дека габите може да бидат нов извор на лекови.
„Природата е огромна аптека,“ вели Гао. „Наше е да ги откриеме нејзините тајни.“
Коментирај анонимно