Од занимација за буржуазијата до адреналин: Пред 110 години се одржа првото најпознато рели во светот

Рели Монте-Карло е најстарата и најпопуларната рели трка во светот. Настанот е основан во 1911 година од принцот Алберт Први и оттогаш, неговото име стана познато не само во светот на мотоспортот, туку и во популарната култура, бизнисот и филмската индустрија.

Принц и неговата љубов кон автомобилите

На почетокот на 20 век, трките биле резервирани за благородништвото и богатите луѓе, затоа што поседувањето автомобил се сметало за луксуз. Откако принцот од Монако, Алберт Први, ги замолил членовите на автомобилскиот клуб де Монако, основан во 1890 година, да организираат меѓународна трка во 1911 година, роден е Рели Монте-Карло.

Победникот Анри- 1911

Во јануари 1911 година, 23 автомобили тргнале од 11 различни локации, а Анри Ружиер бил меѓу деветмината кои го напуштиле Париз за да поминат 1.020 километри пат. Освен застаклениот мраз на патот, повеќето патувања не биле премногу лоши како за јануари. Сепак, двајцата учесници почнувајќи од Виена (1319 км) не стигнале до својата дестинација заради температурите од -18 Целзиусови и 40 см леден снег на патиштата.

На настанот победил Анри со Turcat-Méry 25 Hp. За тоа кој ќе биде победник на релито одлучуваше и стилот на возење, елеганцијата на автомобилот, удобноста на патникот и состојбата во која пристигнал во кнежевството. Негодувањето на скандалот кога биле објавени резултатите не сменило ништо, па Анри сепак бил прогласен за прв победник.

Трка на богатите

Но, во почетокот ова рели воопшто не наликуваше на трка, туку повеќе како „турнеја“ за богатите да можат да се покажат. Учесниците користеле удобни затворени лимузини. Бидејќи биле богати тие дури и не сакале да возат, туку најголемиот дел од возењето го извршувале нивните шофери.

Најавантуристички почетен град во тој период бил Санкт Петербург во Руската империја, 3,257 км зимски патишта далеку од Монте Карло. Потребни биле 8 дена за единствените храбри учесници – Андреј Платоновитц Нагел и Вагим Александрович Михајлов во Русобалт S24-55 изграден во Рига – да ја поминат таа далечина.

Потоа следеле војните и релито често било прекинувано, а да не зборуваме за постојаните контроверзии кои кружеле за неговите победници. Имало одредени правила за автомобилите, но доколку биле доволно богати некои луѓе ги прескокнувале.

По војната, трката беше ревитализирана во 1949 година и оттогаш таа се организира до денес со само два прекини – во 1957 и 1974 година, двата пати како резултат на глобалната криза со гориво предизвикана од војни.

Победник 2020 – Тиери Њувил

Постепено како што напредувала автомобилската индустрија по војните оваа рели почнало да ја добива формата која ја има денес. Веќе биле потребни вештини и истрајност, наместо релаксирачко возење од страна на личниот возач.