Охриѓанец одржува „офлајн часови“ со цел да ги социјализира најмладите

Веќе некој период во Охрид може да се забележи необична глетка. Група деца на игралиште имаат часови на отворено, бидејќи на некој начин онлајн наставата им е попречена. До ваква идеја дошол активистот и јутубер Вик Каракотски. Тој дошол до идеја да им одржува часови на децата на игралиштето „Стобекс“ во Охрид и на часовите присуствуваат деца од соседните населби. Досега се одржани 3 часа, а веруваме дека ќе има уште. Вик им помага на децата да се социјализираат, забавуваат и да се едуцираат, а притоа да се почитуваат мерките за социјална дистанца.

„Овој настан е од првично друштвен карактер, најбитна идеја ни е дружењето, социјализацијата и да ги одвоиме некако децата од компјутерите. Најбитно ми е децата да не ги расипат очите на компјутер. Исто така ова ми е барање од самите деца, значи јас ова не го измислив од нигде никаде, туку децата ми кажаа дека им фали час. Имавме еден пробен час пред една недела и овој час сега го креиравме со сите мерки за заштита од пандемијата. Има растојание и дезинфекција, со што се запазени важечките протоколи.“, вели организаторот Вик Каракотски.

Вик ги споделува видеата од часовите на својот Јутуб канал и според рекацијата на децата може да се забележи дека се прилично среќни што имаат вакви „часови“ бидејќи најверојатно на сите им недостасува училишната дружба.

Извор: Ohridnews