Остин прв со просечна плата од 294.000 денари: Изгласани се најдобрите градови за преселување во светот

Ако пандемијата нè научи нешто, тогаш сигурно е дека можеме успешно да извршуваме одредени работи од дома. Затоа некои одлучија да ја сменат сцената што ја гледаат од нивниот прозорец во дневната соба – и да се преселат во нов град, земја или дури и нов континент.

Британската финансиска веб-страница Money.co.uk проучувала 84 градови низ светот за да ги најде најдобрите места за преселување и ги објави минатата недела во својот Извештај за преселување.

За да дојдат до листата на најдобри градови за преселување, Money.co.uk ги проучуваше цените на недвижностите, кириите и трошоците за живот. Во анализата се вклучени и фактори како просечната месечна плата, просечната брзина на интернетот, но и бројот на достапни ресторани или зелени површини во одреден град.

Тие, исто така, ги анализирале просечните температури на воздухот, врнежите, како и просечниот животен век на лице кое живее во одреден град или држава.

Истражувањето покажа дека најдобри услови за преселување нуди Остин во Тексас во САД со 6,02 од можни 10 поени на скалата. Вториот по големина град во втората по големина држава на САД има трет најбрз интернет од сите анкетирани (87,5 Mbps), просечна температура од 20,4 степени Целзиусови и просечна плата од 3984 фунти или околу 294.000 денари.

На второто место во рангирањето на најдобрите градови за преселување се најде Токио со оценка 5,98 од 10. Не само што нуди мноштво ресторани и зелени површини, туку има и најдолг просечен животен век од 84 години.

Следи Чарлстон во САД (5,68 од 10) кој има најбрз интернет од сите анкетирани – 106,5 Mbps, но и просечна плата од 3147 британски фунти или приближно 230.000 денари месечно.

На листата на 10 најдобри градови за преселување нема ниту еден европски град. Дубаи се најде на четвртото место, а потоа следат Лос Анџелес, Абу Даби, Мајами, Мускат, Сан Франциско и Лас Вегас.

Студијата ги бараше и најскапите градови за преселување. На оваа скала, првите три места ги заземаат швајцарските претставници – Базел со просечен годишен трошок од 53.748 фунти или околу 3 944 727 денари, Цирих со 53.458 фунти и Лозана со 51.648 фунти.

Истанбул, пак, се покажал како најповолен град за преселба од 84 анализирани во истражувањето на британскиот финансиски сајт Money.co.uk со просечен годишен трошок од 12.753 фунти или нешто помалку од 942.000 денари.