Откриен нов вид на планета – различна од било што претходно пронајдено во нашиот Сончев систем

Енаипоша, или GJ 1214 b, е егзопланета која на прв поглед припаѓа на најчестата категорија на планети во галаксијата – таканаречените мини-Нептуни. Сепак, неодамнешните набљудувања преку телескопот James Webb (JWST) откриваат дека оваа мистериозна планета може да биде нешто сосема ново: „Супер-Венера“, категорија што досега не беше позната.

 

 

 

Енаипоша се наоѓа на околу 47 светлосни години од Земјата и орбитира околу ѕвездата Оркарија, црвено џуџе. Откриена во 2009 година, таа има радиус 2,7 пати поголем од оној на Земјата и маса 8,2 пати поголема. Претходните истражувања покажаа дека оваа планета има густа атмосфера, но неодамнешните набљудувања сугерираат дека нејзиниот состав е поразличен од оној на мини-Нептуните, а уште помалку личи на супер-Земјите.

 

 

 

Атмосферата на Енаипоша, според новите анализи, е богата со јаглероден диоксид – сличен на составот на атмосферата на Венера, која е доминантно составена од над 96% јаглероден диоксид. Исто така, постојат показатели дека пониските слоеви на атмосферата се богати со метали, додека повисоките слоеви содржат густ слој од аеросоли. Оваа густа магла ја прави планетата речиси непроѕирна, слично на Венера.

Оваа планета се издвојува од останатите суб-Нептуни, со што ги предизвикува сегашните теории за внатрешната структура и еволуцијата на ваквите планети. „Детектираниот сигнал на јаглероден диоксид е исклучително слаб, што бараше внимателна статистичка анализа и дополнителни модели за да се извлечат заклучоци за природата на атмосферата,“ вели Казумаса Оно од Националната астрономска опсерваторија на Јапонија.

 

 

И покрај тоа што Енаипоша не е погодна за живот поради близината до својата ѕвезда и високите температури, нејзината релативна близина до Земјата нуди уникатна можност за детално истражување. Ова може да помогне во разбирањето на слични егзопланети низ галаксијата.

За целосна потврда на овие наоди, ќе бидат потребни дополнителни прецизни набљудувања. Овие истражувања можат да отворат нови перспективи во истражувањето на егзопланетите и нивната разновидност.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *