Откриена нова „луда“ ѕвезда која се врти неверојатни 716 пати во секунда околу својата оска

Мртва ѕвезда оддалечена 27.400 светлосни години од нас изгледа како да го приредува еден од најимпресивните космички „вртежи“ што некогаш сме ги виделе. Во бинарниот систем 4U 1820-30, неутронска ѕвезда се врти толку брзо околу својата оска што завршува неверојатни 716 ротации во секунда. Само познатиот пулсар PSR J1748-2446ad е забележан да се врти со слична брзина.

 

 

 

Тим предводен од астрофизичарот Гаурава Џајсавал од Техничкиот универзитет во Данска, истакнува дека ова откритие го потврдува теоретскиот максимум за брзината на ротација кај неутронските ѕвезди, кој се смета дека е околу 730 ротации во секунда.

„Ги проучувавме термонуклеарните експлозии од овој систем и потоа откривме неверојатни осцилации,“ вели Џајсавал. „Ако идните набљудувања го потврдат ова, неутронската ѕвезда 4U 1820-30 би била еден од најбрзо ротирачките објекти некогаш забележани во Универзумот“.

Неутронските ѕвезди се еден од завршните еволутивни стадиуми во животниот циклус на масивна ѕвезда. Кога ѕвезда од 8 до 30 пати масивна од Сонцето го достигнува крајот на животот, таа експлодира во супернова, оставајќи зад себе густо јадро кое под гравитацискиот притисок се претвора во неутронска ѕвезда.

 

 

Неутронската ѕвезда 4U 1820-30 е во бинарен систем со бело џуџе во соѕвездието Стрелец, при што тие орбитираат на многу блиско растојание од само 11,4 минути. Оваа блискост ѝ овозможува на неутронската ѕвезда да „канибализира“ материјал од нејзиниот придружник, кој се акумулира на нејзината површина. Оваа маса станува сè погуста и потопла, додека конечно не предизвика термонуклеарна експлозија.

Токму овие експлозии ги проучувал тимот користејќи го телескопот за X-зраци NICER на НАСА.

„За време на овие експлозии, неутронската ѕвезда станува до 100.000 пати посветла од Сонцето, ослободувајќи огромна енергија,“ објаснува астрофизичарот Жером Шеневез.

 

 

Меѓу 2017 и 2022 година, тимот забележал 15 вакви експлозии, но при анализа на податоците откриле чудна осцилација со фреквенција од 716 херци кај една од експлозиите, што сугерира дека ѕвездата ротирала додека експлодирала. Ова би можело да значи дека 4U 1820-30 е X-зрачен пулсар со период од 716 ротации во секунда, поттикнат од термонуклеарни експлозии.

Доколку ова откритие биде потврдено, ќе добиеме нова алатка за проучување на неутронските ѕвезди и нивните екстремни граници.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *