Ова е еден од најубавите манастири во Македонија, посетуван од христијани и муслимани

Религијата не учи да бидеме добри и толерантни, а овој манастир во западниот дел од Македонија сведочи токму за тоа. Сместен на планината Цоцан, Кичево во подножјето на нејзиниот шумовит врв Врвои, на надморска височина од 920 метри се наоѓа манастирот „Св. Богородица – Пречиста“ или Крнински манастир.

Станува збор за многу стар манастир со долга историја. Манастирот Света Пречиста бил подигнат пред потпаѓањето на Македонија под отоманска власт и се верува дека бил подигнат во 1316 година. Во текот на историјата овој манастир видел многу страдања. Често бил ограбуван, уништуван, а кога била и запален сфатиле дека постои потреба за нешто поголемо за да се задоволат барањата на верниците.

Игуменот хаџи Теодосиј во 1846 година ја урнал малата црква и на нејзино место ја подигнал сегашната монументална, која е една од најголемите во Македонија. Црквата била осветена во 1849 година. На местото од изгорениот втор конак, на јужната страна, на 10 април 1983 година започна изградбата на новиот конак во духот на старата македонска архитектура.

Чудотворна икона која ги исполнува желбите

Голем дел од верниците го посетуваат овој манастир поради „чудотворната икона“. Од една страна на неа е Исус Христос, а од другата страна е Богородица во прегратка со Христоса. Во 2006 година иконата била конзервирана по втор пат.

Иконата е од 18 век и карактеристично за неа е што рацете се изработени од сребро. Се верува дека секој оној кој ќе упати чиста и искрена молитва желбата ќе му биде слушната и исполнета. Приказната за „чудотворната икона“ почнала со една легенда. Легендата вели:

„Жителите на кичевско сакале да изградат голем манастир во чест на Св. Богородица. Тие избрале локација каде што денес се наоѓа манастирот Св. Ѓорѓија. Луѓето ја оставиле иконата на светицата на таа локација и си заминале. Наредниот ден иконата ја немало. Тие помислиле дека некој ја украл, но наскоро ја пронашле на друга планина. Колку пати ја враќале иконата на старо место, толку пати наредното утро ја наоѓале на другата планина до извор.

Според легендата, во доцните вечерни часови огнената икона на Богородица летала од местото каде што ја оставале, до изворот. Тогаш жителите заклучиле дека иконата сама си го определила местото за црква и ја изградиле таму. Интересно е што манастирот навистина е изграден на вода.“

Храм за сите верници

Овој манастир е познат по повеќе работи. Тој всушност е и свет храм на сите верници, без разлика дали се или не се Православни. Внатрешноста на манастирот е направена така за да можат под еден ист покрив се собираат и христијаните и муслиманите, кои подеднакво ја почитуваат. Делот посветен на муслиманските верници не е фрескоживописан.

Народната мудрост била бесконечна. Не можејќи својот народ да го соберат на едно место, зашто туѓинците на многумина им ја промениле верата, црквата нашла начин под еден покрив да ги собере сите, зашто Бог е еднаков кон сите и знае да им ги прости гревовите.

Смеењето е најслатко кога е на своја сметка. Дознајте какви несекојдневни работи се случуваат во секојдневниот живот на Македонците на каналот Македонски несекојдневни ситуации. Испратете своја смешна слика или видео овде.