Оваа мајка ја користи својата изолација за да подготвува 80 оброци на ден

Дарежлива мајка отвори кујна за супи од својот дом, готвејќи до 80 оброци на ден за ранливите луѓе. Софи Мерс, од Бридпорт во Дорсет, поминува 10 часа на ден во готвење на бесплатни пакети со храна за луѓе кои не се во можност да ги напуштат своите домови за време на пандемијата.

Сепак хуманиот гест на 33-годишната мајка за малку ќе запрел откако претставниците на советот ѝ рекле дека ѝ е потребна потврда за хигиенски услови, а поради ситуацијата со коронавирусот тие не можат да дојдат и да ги потврдат.

Сепак Софи ги молела и преколнувала надлежните и тие на крајот се согласиле на „виртуелна инспекција“, која таа успешно ја поминала. Заработила 5 ѕвездички за нејзината храна, а ова значело дека ранливите и постарите членови на нејзината заедница повторно ќе можат да добиваат бесплатна храна.

Сега, Софи има цел тим за поддршка. Таа има личност која е задолжена да ги проверува пораките на социјалните мрежи за да се погрижи секој што има потреба од оброк да го прими. Нејзиниот сопруг Гери ги организира и ги става во кеси оброците и тие имаат тим до осум доброволци кои ја доставуваат храната.

Мајката на 4 деца вели: „Започна пред неколку недели, некој рече дека има семејство кое има потреба од оброк, па зготвив малку за нив и така започна. Сега готвам храна за 80 луѓе! Мојата кујна не е масивна, само нормална семејна кујна. Имам неколку спори шпорети, така што нив ги пуштам навечер, а наутро готвам јадења кои не можат да се направат на слабите шпорети. Мојата гаража се претвори во простор за складирање со неколку фрижидери и замрзнувач.“

Локалното население донираше храна и пари за да ги покрие нејзините трошоци. Таа вели дека и нејзините деца и помагаат најмногу со тоа што се мирни додека нивната мајка е на оваа хумана задача.