Паметен „град“ во групна сопственост: Чудо изградено од нула во Јужна Кореја

Меѓународниот деловен округ Сонгдо во северозападна Јужна Кореја е една од најголемите и најимпресивните групни инвестиции во недвижности во историјата. Станува збор за таканаречен „паметен град“ вреден околу 40 милијарди долари, кој се простира на 6 квадратни километри покрај Жолтото Море во Инчеон.

Сонгдо е во сопственост на три компании – американските брокери за недвижности Gale International (61 отсто), јужнокорејскиот производител на челик POSCO (30 отсто) и американската инвестициска банка Morgan Stanley Real Estate (9 отсто).

Дизајниран е во 2001 година како самоодржлив еколошки и високотехнолошки „град“ со 80.000 станбени единици, 5.000.000 квадратни метри деловен простор и 900.000 квадратни метри простор резервиран за продавници и други услужни активности. Иако не е целосно завршен, денес во него живеат повеќе од 165.000 луѓе.

Сонгдо може да се пофали со 40 проценти зелен простор, вклучувајќи го и паркот – Централ Парк Сонгдо – чиј изглед е инспириран од неговиот имењак во Њујорк, кој исто така беше локација за снимањето на мега-хитот на PSy, Гангнам стајл од 2012 година.

Има и 26 километри велосипедски патеки и бројни станици за полнење на електрични возила. Во зградите и улиците се инсталирани сензори за собирање релевантни информации за потрошувачката на енергија и вода.

Водоводните цевки се дизајнирани да спречат непотребно трошење на вода за пиење во бањите и тоалетите, а исто така има и напреден систем за рециклирање ѓубре што ја елиминира потребата од градско одделение за чистење.

Сонгдо е исто така првиот кварт во Кореја каде што сите поголеми згради се LEED сертифицирани за зелена градба, вклучувајќи го и првиот хотел со овој сертификат во Јужна Кореја – Шератон Инчеон, првиот станбен облакодер – Централ Парк 1 и првата сертифицирана конгресна сала во Азија.