Пејачката Дафи вели дека исчезнала од лицето на Земјата, откако доживеала ужасна траума

Добитничката на Греми и пејачката која го подари хитот Mercy (Милост) на светот, Дафи, за прв пат го откри пред јавноста нејзиното трауматично искуство. 35-годишната пејачка не е активна од вртоглавиот успех на нејзиниот деби албум Rockferry. Таа вели дека причината за тоа е траумата која ја доживеала кога била киднапирана, држена како заложник, силувана и дрогирана.

Во долга објава на нејизниот официјален Инстаграм профил, велшката пејачка објаснува дека новинар пронашол начин да ја контактира минатото лето и така таа решила да признае што всушност се случило со неа и зошто одеднаш исчезнала од сцената.

Еве што пишува во објавата на Дафи: „Можете да замислите само колку пати размислував да го напишам ова. Начинот на кој би го напишала, како би се чувствувала после тоа. Па, не сум потполно сигурна зошто сега е вистинското време и што е тоа што прави да се чувствувам возбудено и ослободувачко за да зборувам. Не можам да го објаснам. Многумина од вас се прашуваат што ми се случи, каде исчезнав и зошто. Новинар ме контактираше, тој најде начин да дојде до мене и јас му кажав сè, изминатото лето. Тој беше љубезен и се чувствував неверојатно што конечно можев да зборувам.“

Тогаш Дафи ја започнува приказната за трагичнит момент кој предизвика ваков голем пресврт во нејзиниот живот: „Вистината е и ве молам верувајте ми дека сум ок и безбедна сега, бев силувана и дрогирана и држена како заробеник во текот на неколку дена. Се разбира дека преживеав. За закрепнувањето требаше време. Нема лесен начин да се каже тоа. Но, можам да ви кажам во последната деценија, илјадници и илјадници денови што ги посветив сакајќи повторно да го почувствувам сонцето во моето срце, сонцето сега свети. Се прашувате зошто не избрав да го користам мојот глас за да ја изразам мојата болка? Не сакав да му ја покажам на светот тагата во очите. Се запрашав, како можам да пеам од срце ако е скршено? И полека се поправа.“

Исто така Дафи вели дека во следните денови ќе даде интервју и подетално ќе одговори на прашањата кои најверојатно го интеренсираат светот. Таа во објавата не открива кој стои зад ужасниот чин, ниту пак дали виновниците биле казнети од законот. Пејачката доби бран на поддршка од целиот свет како и од нејзините колеги.

Нејзиниот сингл Mercy во 2008 година се продаде во повеќе од 500.000 примероци во Велика Британија и беше на првото место во 12 земји, освојувајќи три награди „Брит“ и „Греми“.