Пејачката Александра Јанева со својот деби-албум води до хумана цел

Поп-пејачката Александра Јанева деновиве го промовира својот деби-албум „Срце отвори“. Албумот е компилација од 13 песни објавени во изминатите седум години од нејзината музичка кариера, почнувајќи со макфестовската „Врати ми го сонцето“.

Продажбата на дисковите започнува во сабота во четири градови, а сите средства ќе бидат наменети за ковид пациенти кои не можат да си овозможат болничко лекување.

„Албумот е готов подолго време и иако никогаш не можеш да знаеш кога е вистинското време за нештата да се случат, јас сум пресреќна што токму сега, кога целото човештво се соочува со најголемите предизвици и најмногу ни треба сплотеност и емпатија, имам можност да го претставам овој симболичен проект пред публиката. Секој може да придонесе за општото добро со она што ќе го даде со отворено срце“, вели Јанева.

На албумот се наоѓаат и песните „Еве ме пак“, „Најмило мое“, „Ќе се вратам некој ден“, „Еуфорија“, „Бам бам“ на кои пејачката работеше со голем број домашни автори како Ристо Самарџиев, Ѓорги Крстевски, Иван Јованов, Марко Маринковиќ, Огнен Неделковски, Владимир Дојчиновски, Иле Спасев, Панче Илиев и Столе Аврамов.

Продажбата на албумот ќе започне во сабота (12.12) на следниве места: Concept-Струмица, Yard – Куманово, Intermezzo pub – Битола, Тихи-ком (поранешно драгстор Бети) – Скопје.