Писмо на Ајнштајн во кое предупредува на нуклеарна закана се продава на аукција
Оригиналното писмо од познатиот физичар од 20 век, Алберт Ајнштајн, повторно стана предмет на јавен интерес. Причината е уште една продажба на уникатниот документ на аукција организирана од „Бонхамс“.
Ајнштајн му се обратил со писмо на јапонскиот новинар Катоу Хара како одговор на прашањето за неговата вмешаност во создавањето на атомската бомба, нагласувајќи ја опасноста што нуклеарното оружје ја претставува за човештвото. Токму овој документ ги одразува длабоките лични дилеми и искуства на Ајнштајн во врска со последиците од неговата одлука да го предупреди американскиот претседател Франклин Д. Рузвелт за можноста нацистичка Германија да развие атомско оружје.
Во писмото, научникот признава дека го потпишал апелот до Рузвелт исклучиво од страв – поради опасноста Германија да дојде до бомбата прва. Тој наведува дека неодамнешните откритија го навеле да верува „дека е можно да се започне нуклеарна верижна реакција во голема маса ураниум, што би произвело огромни количини на енергија и нови елементи како радиум“. Продолжува велејќи дека ова „ќе доведе и до создавање бомби, и сосема е можно – иако многу помалку веројатно – дека на овој начин би можеле да се создадат екстремно моќни нови видови бомби“.
Научникот и каењето
Оваа ситуација подоцна довела до почетокот на „Проектот Менхетен“, кој резултирал со првите нуклеарни тестирања и употребата на бомбите против Јапонија. Ајнштајн, иако доживотно пацифист, изразил жалење за својата улога во поттикнувањето на серија настани што довеле до создавање на најмоќното оружје за масовно уништување. Сепак, тој сметал дека во тој момент немал друг избор, плашејќи се од можноста Хитлер да завладее со светот.
Денес, кога меѓународните односи повторно се затегнати, а трката во вооружување добива нова форма, пораката на Ајнштајн добива посебна тежина. Неговите зборови за катастрофалната опасност од нуклеарното вооружување се чини дека се поважни од кога било.
Аукциската куќа „Бонхамс“ ја проценува вредноста на писмото помеѓу 100.000 и 150.000 долари, нагласувајќи дека се работи за едно од највредните сведоштва за размислувањата на Ајнштајн за науката, одговорноста и иднината на човештвото.
Коментирај анонимно