Писмо од касарната

Драги мамо и тато,

Конечно добив пристап до компјутер и решив да ви го напишам ова писмо. Јас сум добро. Првите два месеци поминаа многу брзо. Ќе ви раскажам со неколку зборови со што се занимаваме тука. Будењето е во 5:30 наутро. Првиот ден станав во 4 како на село, но старешината ме натера да се вратам во кревет и да молчам. Така што денот ми почнува мрзливо – нема ни кокошки, ни свињи. Досада…

Секое утро ни ставаат по еден ранец на грбот и не тераат да трчаме. Старешината ме праша зошто не се потам, му реков дека растојанието што го трчаме е пократко од трчањето секое утро со ранецот на училиште. Момчињата од градот се многу лошо на крајот на оваа вежба, ако старешината не гледа, носам по некој на грбот, колку да ми зајакнат нозете.

Редовно не тераат да пукаме, ама изгледа јас сум на курс за почетници. Тука се пука лежејќи и само по неподвижни цели!!! Многу полесно од пукањето по диви свињи или потполошки! Плус, никој не пука по тебе, како што го прават тоа оние смотаните од соседното село! Значи, тука сум шампион.

Исто така редовно нè тераат да се бориме, како што правиме дома со моите батковци. Градските момчиња се многу кревки, само малку посилно ќе стиснеш и веднаш нешто пука. Тука за срам на целото наше село изгубив… Еднаш. Еден млад дечко од сто и триесет килограми, се сопна и падна над мене. Јас, како што знаете, имам 65 килограми, точно на половина од него. Не успеав да се извлечам од под него и го прогласија за победник. Вториот пат, се подготвив – мрднав еден чекор на страна и му се фрлив на грбот. Беше многу полесно отколку со селскиот бик. Му го стиснав малку вратот и тој пукна. Но, ништо страшно, старешината рече дека ова е повреда на тренинг и неговите родители нема да не тужат!

Има топла вода секој ден, сè уште не можам да разберам зошто…

Старешината не нè тепа, мислам дека има некоја причина. Може да е вегетаријанец, или секташ…

Храна тука е добра. Првиот пат кога ни рекоа дека можеме да јадеме колку сакаме, јас набрзина голтнав дваесет и пет ќофтиња. Не беа лоши, ама на мама се поубави. Оттогаш старешината ми дава да јаде најмногу дваесет. Но, тоа не е никаков проблем. Јас седнувам до некое градско момче на ручек, го зјапам и тој ми дава половина од својот дел. И така издржувам до вечерта. Ги менувам, еднаш еден, утре друг, така што никој не се жали.

Првата недела, тројца момци ме одвлечкаа зад една барака, сакаа да ме исчукаат. Зашто се чувствувале погодени од моите успеси, не можело тоа така, гуштер да ги понижува. Ништо страшно! Нивните родители нема да не тужат! Дури и двајца ќе се вратат за два месеци. Кога ќе им зараснат коските. Третиот изгледа ќе си полежи заедно со оној големиот. Тој се сопна малку, и го поттурнав малку кон ѕидот на барака, па главата му влезе малку внатре. И пак се чу ПУК.

Ве молам, кажете им на батко Тошо и батко Гошо да дојдат веднаш! Да се запишат, зошто после толку многу јадење и игри, дури ти даваат и пари! Брзо, пред оние смотаните од соседното село да дознаат и да ги пополнат сите места!

Мамо и тато, ве сакам и ми недостигате! Тука е убаво, дури и ми се допаѓа.

Вашата ќерка
Стојка