Погледнете го првиот град на вода кој ќе биде изграден во Јужна Кореја до 2025 година
Првиот пловечки град во светот ќе биде изграден покрај брегот на Јужна Кореја до 2025 година како начин човештвото да го преживее зголеменото ниво на морето, најавија водачите на проектот.
Поддржан од ОН, пловечкиот град, изграден во близина на брегот на градот Бусан, ќе биде „инфраструктура отпорна на поплави составена од неколку острови кои се издигнуваат заедно со морето за да се елиминира ризикот од поплави“.
Градот ќе генерира електрична енергија од соларни панели на зградите, ќе произведува сопствена храна и свежа вода, а жителите ќе се движат меѓу островите со футуристички чамци.
Ќе може да издржи и природни катастрофи, вклучувајќи поплави, цунами и урагани од петта категорија, бидејќи неговите пловечки платформи ќе бидат закотвени на морското дно.
Изградбата на пловечкиот град, кој се проценува дека чини 200 милиони долари, наскоро ќе започне благодарение на „историскиот договор“ потпишан од градот Бусан, дизајнерите на ОН-Хабитат и Њујорк Океаникс.
Останува нејасно дали на жителите ќе им се наплаќа да живеат таму или колку ќе чини киријата.
Компанијата соопшти дека работата се` уште е во тек и допрва ќе се утврди кои ќе бидат жителите и како ќе бидат избрани.
„Одржливите пловечки градови се дел од арсеналот на стратегии за климатска адаптација што ни се достапни. Наместо да се бориме со водата, да научиме да живееме во хармонија со неа“, рече Мајмуна Мохд Шариф, извршен директор на ОН-Хабитат .
„Со нетрпение очекуваме да развиеме решенија за климатска адаптација и природни решенија преку концептот на пловечки град, а Бусан е идеалниот избор за градење на прототипот“.
Секој остров ќе има хексагонален облик и ќе биде изграден на варовнички слој кој е два до три пати потврд од бетонот, но сепак пловни.
Жителите ќе мора да живеат од „главно растителна исхрана“, велат од Океаникс, што ќе го намали оптоварувањето на просторот, енергијата и водните ресурси.
Органските производи ефикасно ќе се одгледуваат во аеропони и аквапонички системи, надополнети со традиционални фарми на на оранжерии.
Аеропониката вклучува одгледување растенија во воздух без употреба на почва, додека аквапониката вклучува одгледување растенија и риби со помош на корисни бактерии.
Во изградбата проритет ќе имаат материјалите од локални извори, вклучувајќи го и брзорастечкиот бамбус кој има негативен јаглероден отпечаток.
Сите изградени објекти во градот ќе се бидат под седум ката за да се создаде низок центар на гравитација и да се спротивстави на ветерот.
Големината на градот допрва треба да се одлучи, но поголемите села кои покриваат 75 хектари би можеле да примат до 10.000 жители, проценуваат од Океаникс.
Градот, исто така, ќе има јавен плоштад, пазар и „центри за духовност, учење, здравје, спорт и култура“.
Цената на целиот проект моментално се проценува на 200 милиони долари, но тоа би можело да се зголеми во зависност од материјалите и конечниот дизајн, кој може да се промени.