Полицајка е во бегство откако била нападната од Талибанците поради нејзината професија

Една од главните полицајки во Авганистан изјави дека се плаши за нејзиниот живот откако успеа да избега од Талибанците во Кабул, велејќи дека била „брутално претепана“ и ѝ биле упатени закани додека се обидувала да ја напушти земјата.

Гулафроз Ебтекар била заменик-шеф за криминални истраги во Министерството за внатрешни работи на Авганистан и една од најмоќните жени во државата пред Талибанците да ја преземат власта.

Откако добила заканувачки писма од Талибанците и безуспешно се обидела да фати лет за надвор од државата, таа вели дека е „во бегство“ и верува дека „целото нејзино семејство е во голема опасност“.


„Поминав пет ноќи на портите на аеродромот во Кабул без вода или леб, под дожд од куршуми и опкружена со Талибанци“, рече таа. „Бев сведок на смртта на деца и жени. Испратив пораки до амбасадите на многу земји за да се спасам себеси и моето семејство, но сето тоа безуспешно“.

Ебтекар, која студирала безбедност во Русија, вели дека успеала да стигне до  аеродромот во Кабул, но тврди дека американскиот војник и го попречил влезот и покрај тоа што му покажала документи кои докажуваат дека е во опасност.

Пред да стигне до американските војници, таа изјави за руски весник дека била нападната од талибански војници.

„Талибанците постапуваа вака: прво удираат, потоа ви дозволуваат да се движите. Правите еден или два чекори и плаќате за тоа. Ме тепаа со тупаници, оружје, па дури и камења“, изјави Ебтекар.

„Не се плашам да зборувам отворено, бидејќи не ми останува ништо“, додава таа.

„Државата Авганистан повеќе не постои, нема слобода. Цело време се борев да живеам нормален живот во земјава. Ако сега нема таков живот, зошто да се плашам?“.