Полицијата откри терористичка ќелија на ИСИС во Куманово, со еден куп оружје, меѓу кое и елеци за самоубиствени напади
МВР објави видео и фотографии од апсењето на тројцата Кумановци. Б.А., В.А. и Е.Љ. се рецидивисти, односно повратници, лица кои претходно за сторено кривично дело „Учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“ од чл. 322-а од КЗ се правосилно осудени и издржале казна затвор.

На почетокот на 2019 година, А.Б. создал терористичка/злосторничка организација во која членуваат В.А., Е.Љ. и уште неколку лица и заедно формирале злосторничка организација „ќелија“ со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС, со намера на изведување на терористички акт на цели на територија на Република Северна Македонија.

Членовите на групата обезбедувале финансиски средства и набавиле поголема количина на оружје, муниција и воена опрема, која ја сокриле-складирале во близина на локалниот пат с. Биљановце/с.Пчиња на м.в „Менкова Колиба“.

Како резултат на добиени оперативни сознанија и примена на оперативно тактички мерки на споменатата локација пронајдени се: пет автоматски пушки, пушкомитралез, 18 рамки за автоматска пушка со по 30 куршуми, рамка со 15 куршуми, три дрвени кундаци, дрвен кундак со механизам за испалување, три гранати за рачен фрлач со напис RD 40мм, пет запалки за гранати за рачен фрлач со осигурачи, две маскирни капи, две поткапи црна и сива боја, два пара маскирни ракавици, два тактички елеци, четири тактички елеци со маскирна боја, знаме со испишани арапски букви (ИСИС), марама со испишани арапски букви.

Извршени се претреси во дом и други простории кај лицата Б. А., В. А. и Е. Љ. на вкупно четири локации, од кои три на подрачјето на Куманово и една на подрачјето на Скопје, и притоа истите се лишени од слобода.

Од извршените претреси пронајдени и одземени се: два појаси рачно изработени исполнети со прашкаста материја (експлозив), метални кугли (лагери) монтирани на картонска подлога и две запалки од рачна бомба за активирање на појасите, две направи со жици од разна дебелина, две радиостаници, осигурач за експлозивна направа, лап-топ компјутер, девет мобилни телефони, пет СИМ картички, електронски уред со објектив, две USB-а, футрола за пиштол, маскирна облека, два ножа, две футроли за ножеви,ПМВ Ауди А-3 и др.



