Полицијата уапси маж затоа што си го „украл“ сопствениот автомобил
Црнец го тужи полицискиот оддел во Мајами,САД, откако полицајците го уапсиле за „крадење“ на неговиот сопствен автомобил.
Кога Семјуел Скот Џуниор се јавил во полиција на 1 јуни 2018 година за да пријави дека неговиот автомобил бил украден, тој веројатно не очекувал да го уапсат за злосторството.
Сепак, токму тоа се случило кога полицијата одлучила дека тој одговара на описот на лицето што го украло автомобилот.
Скот ја напуштал куќата на својата тетка околу 17.40 часот кога открил дека неговиот Jeep Compass исчезнал.
Во исто време, неколку километри подалеку, полицаецот од Мајами, Џонатан Гузман, забележал Jeep Compass како вози 10 километри на час над дозволената брзина и се обидел да го запре автомобилот, но автомобилот се судрил со друго возило и осомничениот карадец избегал.
Полицијата трагала по маж што одговара на описот кој го дал Гузман: „црн, ќелав, околу 190 cm, тежок и со бела маица“.
Кога полицајците одговориле на повикот на Скот, тие почнале да му поставуваат прашања како да е осомничен за кражбата на неговиот автомобил, и покрај тоа што бил неколку сантиметри понизок од описот на осомничениот и носел црна маица.
Скот бил обвинет за напуштање на местото на несреќата, лажно пријавување на кривично дело, неносење дозвола за сокриено оружје и поседување канабис, но обвиненијата против него подоцна биле отфрлени од канцеларијата на државниот обвинител во Мајами-Дејд и тој бил ослободен. .
На снимката од инцидентот се гледа како Скот се обидува да им објасни на полицајците дека уапсиле погрешен човек и ги прашува зошто би повикал полиција ако украл автомобил.
Сега Скот го тужи градот Мајами и петте полицајци вклучени во неговото апсење со образложение дека бил незаконски претресен, незаконски затворен и расно профилиран.
Фаудлин Пјер, адвокатот на Скот, вели дека тужбата бара отштета од 500.000 долари.