Полициска бруталност, хаос и солзи: Еве што се случува за време на нередите во Србија

На нашите северни соседи не им се допадна одлуката да се воведе полициски час во склоп на борбата против короната, но ова е далеку од единствената причина поради која се одлучија да излезат на улиците. Политичката состојба во државата не им е на завидно ниво (не дека кај нас е) и затоа граѓаните изреволтирани од лошите одлуки на владата, манипулациите и обидите да се прикријат бројките на заразени и мртви од коронавирусот, како и целокупното владеење на претседателот Александар Вучиќ, излегуваат во огромен број на улиците.

Ова се претвори во вистинска „граѓанска војна“ помеѓу цивилите и полицијата, а се појавија и снимки каде може да се види полициска бруталност, но и насилни демонстранти. Поделеност има и помеѓу телевизиите, од кои најголем дел известуваат во корист на претседателот и ова предизвикува дополнителен револт кај демонстрантите. Најголемите протести до вчера се одржаа во Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац. Ситуацијата е прилично тензична и не се знае што може наредно да се очекува.