Популарноста на „анти-Фејсбук“ социјалната мрежа расте: Нема реклами, а приватноста е загарантирана

По последниот потег на Фејсбук, кој најави промена на правилата за споделување податоци од луѓе кои користат WhatsApp, како и забрани и блокади на некои корисници на социјална мрежа (вклучувајќи го и Трамп) по немирите во американскиот Конгрес, некои корисници беа изреволтирани и го свртеа палецот надолу.

Наместо добро познати платформи со милијарди корисници, тие се свртеа кон алтернативи. Едни од таквите се „Телеграм“ и „Сигнал“ како и пребарувачот DuckDuckGo што, за разлика од „Гугл“, овозможува целосно приватно пребарување. Но, постои и „анти-Фејсбук“ социјална мрежа.

Станува збор за социјалната мрежа MeWе. Зголемувањето на интересот на корисниците за приватни апликации го покажуваат и бројките на платформата, која е целосно насочена кон приватноста, а медиумите ја нарекоа „социјална мрежа против Фејсбук“. Со оглед на тоа што има многу мал број на корисници, не можеме да го наречеме конкурент на Фејсбук, но вреди да се спомене дека мрежата MeWe доби 2,5 милиони нови корисници во последната недела. Вкупниот број на луѓе што ја користат таа мрежа сега се искачи на 16 милиони – бројка што е сè уште занемарлива во споредба со Фејсбук и другите мрежи, но во средината на минатата година имаше само 8 милиони корисници, така што трендот на раст е јасен.

„Луѓето низ целиот свет ги напуштаат Фејсбук и Твитер затоа што се уморни од немилосрдното кршење на приватноста, надзорниот капитализам, политичката пристрасност, насочените реклами и манипулацијата со содржината на овие компании.“, вели Дејвид Вестрајх директорот за маркетинг на мрежата MeWе.

Имено, MeWe не собира кориснички податоци затоа што нема реклами на мрежата и нема цензура на содржина што е блокирана на други мрежи како што се Фејсбук и Твитер.

Иако не постои таква цензура, MeWe ја следи т.н. повелба за приватност според која платформите не манипулираат со содржината, не го менуваат редоследот на објавувања, не филтрираат објави или користат технологија за препознавање на лице, но забрануваат објавување содржина со говор на омраза и закани и поттикнување насилство.

Треба да се напомене дека ова не е нова социјална мрежа, туку е основана во 2016 година, а за кратко време пред повеќе од две години (по аферата со Кембриџ Аналитика) медиумите пишуваа за неа како алтернатива на Фејсбук. Како што можеме да видиме од бројот на корисници, мрежата тогаш не привлекуваше премногу корисници, но се чини дека тие сега би можеле да имаат повеќе среќа бидејќи интересот за неа  се зголемува.